Skip to main content
European School Education Platform

Услови и одредби за користење

За да се обезбеди што е можно подобро доживување за сите регистрирани корисници, како и за посетителите, утврдивме некои основни правила за учество и објавување содржини на Европската платформа за училишно образование и кодекс на однесување за еТвининг. Со регистрирањето вие се согласувате да се придржувате до овие правила и насоки.

Услови и одредби за објавување на платформата 

 

Регистрираните организации кои се наоѓаат или кои нудат курсеви што се одржуваат во земји од програмата Еразмус+ можат да креираат и да поставуваат објави во одредени делови од платформата. Под „објави“ се подразбираат огласите за курсеви со физичко присуство објавени во делот за професионален развој и сите објави во зоната за остварување контакти.

 

Овие услови и одредби ја надополнуваат општата изјава за одрекување од одговорност на платформата.

 

Одрекување од одговорност: информации за сите корисници

 

Како корисник на платформата, прочитајте ги внимателно следниве информации:

  • Објавите ги поставуваат независни организации. Европската комисија не презема никаква одговорност или обврска во однос на нивната содржина, реализација или управување.
  • Ниту една објава не се одобрува однапред од Европската комисија, од Националните организации за поддршка, од Националните агенции на Еразмус+ или од администраторите на платформата.
  • Избирањето оглас (на пр. курс со физичко присуство) од базата на податоци не е гаранција дека училиштето/организацијата ќе добие грант од Еразмус+.
  • За еден оглас да се смета за квалификувана активност во рамки на Еразмус+, тој не мора да биде поставен на платформата. Квалификуваноста на активностите на Еразмус+ се дефинира исклучиво во Водичот за програмата Еразмус+.

 

Сета содржина создадена од корисниците, вклучително содржината на еТвининг, што се наоѓа на European School Education Platform е дадена таква каква што е. Европската комисија не ги поддржува ставовите, мислењата или советите искажани од посетителите на оваа веб-страница. Иако користењето на веб-страницата наложува сите корисници да се придржуваат до овие услови за користење, сепак може да се случи некоја несоодветна содржина создадена од корисниците да биде испратена и прикажана. Го задржуваме правото да ја уредиме, преместиме или избришеме која било содржина што ги прекршува условите за користење или упатствата на заедницата, без какво било известување.

 

Основни услови и одредби

 

  • Користењето на платформата е бесплатно, и за објавувачите, и за лицата кои пребаруваат објави според сопствени критериуми.
  • Секој може да креира и да постави објава. Единствениот технички услов за поставување објава е да регистрирате индивидуална сметка и таквата сметка да ја поврзете со некоја организација.
  • Платформата не презема никаква одговорност за оцените или коментарите во однос на содржината.
  • Европската комисија го задржува правото да прави измени на платформата, а со тоа и во каталогот со курсеви или во зоната за остварување контакти, како и да ги менува овие услови, во кое било време и без претходна најава.

 

Посебни услови и одредби

 

Каталог со курсеви

Каталогот со курсеви во делот од платформата посветен на професионалниот развој служи за огласување курсеви со физичко присуство за учесници во активности за мобилност на кадарот поддржани од Еразмус+ (Клучна акција 1: Мобилност за учење за поединци). Комисијата го задржува правото да ги отстрани објавените курсеви кои е јасно дека не ги исполнуваат условите за финансирање од Еразмус+. Сепак, Комисијата не може да гарантира дека сите курсеви објавени на платформата ги исполнуваат условите за грантови од Еразмус+. Квалификуваноста на активностите на Еразмус+ се дефинира исклучиво во Водичот за програмата Еразмус+.

 

Ако сте организатор на курсеви, прочитајте ги Стандардите за квалитет на курсевите во рамки на Клучната акција 1.

 

Имајте предвид дека моментално само администраторите на платформата можат да објавуваат онлајн курсеви во каталогот.

 

Наоѓање партнери (објави на Еразмус+)

Делот за наоѓање партнери во зоната за остварување контакти е наменет за наоѓање партнери за активности и проекти на Еразмус+ во склоп на училишното образование и стручното образование и обука. Тие може да ги вклучуваат: 

 

  • Клучната акција 1 – Мобилност за учење за поединци: За организации кои сакаат да испратат и/или да бидат домаќини на учесници во активности за мобилност на кадарот (следење на работата од сенка и реализирање наставни задачи) и мобилност на учениците
  • Клучната акција 2 – Партнерства за соработка: Објави за проектни идеи и потраги по партнери за партнерства за соработка и партнерства од мал обем.
  • Жан Моне

 

Повеќе информации за роковите за пријавување, за условите и за постапките на Еразмус+ може да најдете на веб-страницата на Еразмус+.

 

Политика за прифатливо користење

 

Ако поставувате објава, прочитајте го внимателно ова:

  • Објавувачите се одговорни за давањето точни и релевантни информации во своите објави, како и по потреба да ги ажурираат.
  • На оваа платформа не е дозволено објавување или испраќање материјали, слики, видеозаписи или други содржини за кои објавувачите немаат дозвола за користење.
  • На објавувачите им се забранува користење лажен идентитет на кое било лице или субјект, или какво било друго лажно претставување.
  • Не е дозволено да се манипулира со содржината или кои било делови од неа (вклучително наслови, опис, метаподатоци, датуми, податоци за контакт, итн.) на каков било начин што може да ги доведе во заблуда читателите или да скрие релевантни информации од нив, вклучително давање какви било лажни или изобличени информации со цел подобрување на видливоста во резултатите од пребарувањето.

 

Повреда на условите и одредбите

 

Непридржувањето до оваа политика за прифатливо користење претставува материјална повреда на условите и одредбите, коишто корисниците се обврзани да ги прифатат кога ја користат платформата, и може да резултира со преземање на некоја или на сите следни мерки, во кое било време, без претходна најава:

 

  • Уредување на информациите внесени од корисникот за да се обезбеди усогласеност.
  • Моментално, привремено или трајно отстранување на кои било коментари или одговори на корисниците според наше убедување, во случај тие да се навредливи, или ако се чини дека станува збор за лажни информации или дупликати.
  • Моментално, привремено или трајно отстранување на кои било објави или материјали што корисникот ги поставил на платформата, а кои се сметаат за неточни, несоодветни или нерелевантни за целите и за публиката за која е наменета платформата.
  • Моментално, привремено или трајно одземање на правото да ја користите платформата.
  • Издавање опомена на корисникот.

 

Одлуката за изрекување соодветни мерки во случај на повреда на овие услови и одредби ќе се заснова на сериозноста на повредата и на историјатот на користење на платформата од страна на корисникот. Одлуката за трајно одземање на правото на користење на платформата може да биде оправдана само ако корисникот веќе бил предупреден, при претходна повреда на овие услови и одредби, дека правото ќе му биде трајно одземено во случај на понатамошна повреда.

 

Во случај на отстранување на која било ваша објава, во која било форма, одземање на вашето право да ја користите платформата, или во случај на одземање на пристапот, вие имате право да побарате образложение за таквата одлука. Барањата треба да се испратат преку образецот за контакт со службата за корисничка поддршка.

 

На секое барање што ќе се смета за навредливо, особено поради неговиот повторлив карактер, нема да се даде одговор. Во тој случај, ќе бидете известени дека барањето се смета за навредливо и дека нема да биде даден дополнителен одговор.

 

Вашите коментари на одлуката за одземање на вашето право да ја користите платформата може да ги дадете преку EAC-ESEP@ec.europa.eu во рок од две недели од донесувањето на одлуката.