Skip to main content
European School Education Platform

eTwinning

Overview

Photo of people with arms around each other

Придружувајќи се на еТвининг, наставниците и останатиот училиштен кадар ќе станат дел од „Заедницата на училишта во Европа“ и ќе можат да ги користат бескрајните можности.

 

Соработувајте со други колеги од Европа и добивајте инспирација од нив

Во рамките на еТвининг, наставниците со своите ученици организираат и реализираат активности со физичко присуство и онлајн активности заедно со колеги од други земји кои се дел од програмата на Еразмус+. Тие учествуваат во заеднички проекти со поддршка на TwinSpace средината. Националните организации за поддршка се задолжени за проверка на корисниците што сакаат да се регистрираат како еТвинери, со што се одржува безбедноста на платформата, потоа за обезбедување поддршка и насоки, и за оддавање признание за работата на наставниците преку националните и европските ознаки за квалитет. Во годишната книга на еТвининг се презентираат најиновативните проекти. Извонредните проекти добиваат Европски еТвининг награди и се внесуваат во проектната галерија.

 

Споделувајте со колегите

Заедницата на еТвининг е сочинета од илјадници наставници и едукатори кои ја споделуваат визијата за инклузивни училишта, кои на корисен начин се служат со информациската и комуникациската технологија, и кои максимално ги искористуваат вештините на 21 век. еТвинерите се состануваат и остваруваат контакти онлајн, во училиште, на настани и конференции на еТвининг, и секаде каде што можат да инспирираат и други наставници подобро да ги образуваат учениците. Во склоп на Европската платформа за училишно образование, во делот на еТвининг, се нудат проектни комплети, примери од праксата, сведоштва, како и онлајн средина каде еТвинерите може да комуницираат, да креираат проекти, да споделуваат и да учат заедно, согласно темпото што им одговара и интересите што ги имаат.

 

Усовршувајте се заедно

Доживотното учење е од суштинско значење за наставниците, па затоа, членовите на заедницата на еТвининг имаат пристап до вебинари, кратки и долги онлајн курсеви (вклучително и  масовни отворени онлајн курсеви-MOOCs), автодидактички материјали, конференции, и други можности за професионален развој со физичко присуство, каде што се запознаваат со експерти во голем број области и ги унапредуваат своите вештини. Овие настани им овозможуваат на наставниците да остваруваат контакти, да учат заедно, и да се чувствуваат како дел од една иста заедница.

 

Исто така, еТвининг нуди можности за идните наставници да добијат поддршка при започнувањето на нивната кариера.

 

Промовирајте и прославувајте

Како и сите заедници, така и еТвининг има клучни настани. Има годишна тема која е во фокусот на двете онлајн кампањи – напролет и наесен – каде еТвинерите споделуваат идеи, планираат проекти, изработуваат материјали и учат заедно. И секоја година, на 9 мај, заедницата го прославува Денот на Европа како Ден на еТвининг со активности кои придонесуваат еТвинерите да се чувствуваат како дел од нешто уникатно, каде и да се.

 

Станете активен учесник

Амбасадорите на еТвининг се столбови на заедницата. Тие се избираат на национално ниво, обезбедуваат обука и поддршка, и ги споделуваат својата енергија и ентузијазам, со што придонесуваат еТвининг секојдневно да расте. Ако сакате да станете еден од нив, повеќе информации побарајте од вашата национална организација за поддршка!

 

Училиштата на кои им е доделена Ознаката за еТвининг училиште претставуваат модел за начелата кои се инспирација за еТвининг: заедничко лидерство, соработка и споделување, учениците како агенти на промена, инклузија, и педагошка иновација. Следете нè за да дознаете кога ќе биде отворено пријавувањето!

 

Секој може да стане Амбасадор на еТвининг и секое училиште може да ја добие Ознаката за еТвининг училиште.

 

Како да се придружите на еТвининг?

Уште денес може да се регистрирате како корисник на Европската платформа за училишно образование преку EU Login (пристапете овде) и да побарате да бидете потврдени како еТвинер од страна на Националната организација за поддршка  во земјата каде што се наоѓа училиштето.

 

Што нуди платформата на еТвининг?

еТвинерите можат да остваруваат контакти, да споделуваат и да соработуваат со други регистрирани еТвинери и училишта преку понудените опции за социјално вмрежување и преку нивно учество во Соби, еТвининг групи и европски проекти.

 

  • Собите се микрогрупи кои овозможуваат еТвинерите да учествуваат во видеоконференциски сесии поддржани со форум и архива на датотеки.
  • еТвининг групите се виртуелни места каде еТвинерите се состануваат и дискутираат за конкретни предмети, теми или други полиња на интерес. Истакнатите групи се групи координирани од Централната служба за поддршка и модерирани од искусни еТвинери (повеќе може да видите овде).
  • еТвининг проектите вклучуваат активности за различни теми и клучни компетенции во кои се вклучени два или повеќе наставника и нивните ученици. Секој проект има свој сопствен TwinSpace, односно бесплатна и безбедна платформа до која имаат пристап само другите членови на еТвининг проектот, како и одбрани гости и ученици.

 

еТвинерите може да ги користат и онлајн можностите за професионален развој организирани од Европската платформа за училишно образование. Некои од овие понуди ќе бидат по мерка на специфичните интереси и потреби на еТвинерите и ќе им бидат достапни исклучиво ним:

 

  • Кратките онлајн курсеви се интензивни и забавни, ги запознаваат наставниците со одредена тема, стимулираат идеи, и им помагаат да ги развијат своите вештини.
  • MOOCs (масовни отворени онлајн курсеви) траат 4-6 недели и во тој период потребно е 12 – 25 часа да се посветат на учење. Учесниците имаат слобода да ги реализираат активностите кога ним им одговара, во периодот на времетраење на курсот. За успешно завршување на курсот се добива сертификат.
  • Вебинарите се онлајн видеосесии во живо во времетраење од еден час каде наставниците имаат можност да учат и да дискутираат за најразлични теми.
  • Сериите вебинари се две сесии на вебинар кои се поврзани со интерактивна онлајн активност.
  • Онлајн конференциите и настаните се предвидени за одредена целна публика и посветени на одредена тема.

 

Не ги исполнувате условите за да се придружите на еТвининг?

Само училишниот кадар може да се приклучи на заедницата на еТвининг. Ако не сте дел од кадарот во некое училиште, тогаш може да уживате и бесплатно да се вклучите во други делови од Европската платформа за училишно образование. Запознајте се со сите такви можности овде. еТвинерите може да поканат лица кои не се еТвинери на конкретни проекти.