На Европа ѝ е потребно мировно образование – на мировното образование му е потребна Европа

Мировното образование како европска заложба
Војната во Украина ја истакнува потребата од систематско промовирање на мировното образование во европските училишта. За да можат да се носат со моменталните и тековните ужаси и последици од војната, на младите луѓе им е потребна помош: помош за да можат да се справат со пропратните, честопати поларизирачки, дебати што неизбежно ќе се водат во нивните земји. Младите луѓе, исто така, се изложени на социјалните медиуми, или може ќе слушнат лични приказни и сведоштва за она што се случува во војните. Затоа им се потребни упатства и насоки од возрасните од нивното опкружување, без разлика дали тоа се родителите или наставниците. Особено е важно училиштата да нудат безбедна средина за младите бегалци во која тие ќе наидат на почитување.
Младите луѓе имаат право на средина во која можат слободно да ги изразат своите идеи за тоа како би сакале да живеат заедно во иднина. Секој нов ден нуди можност за училиштата да едуцираат за мир (почитување, ценење и толеранција). Овие принципи може да бидат пренесени; исто така, важно е да се погрижиме тие да бидат применувани во практика.
Врсничката медијација е конструктивен начин за решавање на несогласувањата во училницата. За време на часовите може да се осврнеме на прашања поврзани со причините за насилство и војна, коишто може да вклучуваат дискусии што се однесуваат на насилното минато на сопствената земја. Во Германија, тоа би го опфаќало, на пример, периодот на националсоцијализмот. И самиот мир би можел да биде тема: младите луѓе уживаат да разработуваат текстови за луѓе кои се пример за залагање за мир. Тоа може да се направи преку биографиите на луѓе кои во минатото воделе кампањи и/или кои и денес продолжуваат да промовираат мир.
Би било пожелно училиштата да може да отворат дискусија на европско ниво за начинот на кој се промовира мировното образование. Проектот на Еразмус+ со наслов „Schools joining up for Communities of Peace“ (SchoolCoPe) го трасираше патот.
Во фокусот: дигитално мировно образование
Мировното образование генерално се служи со постапки и активности засновани на научни сознанија и се потпира на долги години практично искуство. Процесите на учење преку кои се промовира мир се честопати дел од нашиот секојдневен живот; меѓутоа, тие се особено применливи во сите области од формалното образование. Училиштата и колеџите отсекогаш играле важна улога во мировното образование. Во регионален контекст, мировното образование е истовремено и неопходно, и возможно, во сите фази од еден конфликт.
Денес актуелно станува мировното образование преку дигитални средства. Тоа не е толку поврзано со традиционалната компетенција за користење медиуми (дали дигиталните уреди може корисно да се применат), туку повеќе се однесува на мировно ориентирана, критичка способност за користење на медиумите – вклучително и начини на кои дигиталните методи можат да придонесат кон целите на мировното образование. И во дигиталниот свет, луѓето наидуваат на насилство и конфликт. Честопати, таквите препирки полесно ескалираат таму и потоа се прелеваат во аналогниот свет. Дезинформациите се шират како пожар; „дипфејк“ содржините прават да биде сè потешко да се утврди што е факт, а што измислица. Поради тоа, сега е поважно од кога било луѓето да станат свесни за ваквите појави, со цел тие да заземат став во однос на говорот на омраза, дезинформациите и теориите на заговор.
Дигиталното мировно образование не се сведува само на подучување за тоа како да се заземе критички став во односот со медиумите, туку повеќе цели кон тоа да ги поттикне луѓето да го доживуваат дигиталниот простор како позитивен простор: со други зборови, целосно да го прифатат (видете ги како пример проектите #vrschwrng и Culture of conflict 3.0). Како може желбата за промена и храброста за промена да се развијат онлајн? Може, затоа што на дигиталното граѓанско општество му се потребни и двете: критичка медиумска писменост и напори од поединци за создавање онлајн мрежа што ќе биде повеќе исполнета со мир.
Additional information
-
Education type:School Education
-
Target audience:Head Teacher / PrincipalNot-for-profit / NGO staffParent / GuardianStudent TeacherTeacherTeacher Educator