Skip to main content
European School Education Platform
Interview

Education Talks: Јазичната разноликост во училницата

Во оваа интервју, д-р Џејмс Каминс, професор емеритус на Институтот на Онтарио за студии во полето на образованието (OISE) при Универзитетот на Торонто, ги споделува своите ставови за јазикот на идентитет и за поддршката во рамки на училницата на децата кои не се родени говорители на јазикот на кој се одвива наставата.
Interview with James Cummings

Здраво, јас сум Џим Каминс, професор емеритус на Институтот на Онтарио за студии во полето на образованието при Универзитетот на Торонто во Канада.

 

Што се подразбира под јазик на идентитет и колку е важно децата да го негуваат овој јазик?

 

Кога ќе погледнеме кои сме, како водиме интеракција во секојдневниот живот, многу јасно е дека јазикот претставува суштинска компонента на сè што е поврзано со нас. Зборуваме посебни јазици, некои од нас зборуваат повеќе од еден јазик. Кога гледаме децата како растат, нивните идентитети се обликуваат, тие се обликуваат преку интеракциите што тие ги водат со своите родители, со браќата и сестрите, со другите деца, преку нивните интеракции во предучилишната средина и она што ќе го развијат како идентитет зависи од пораките што ќе ги примат за тоа што е прифатливо, а што не е. Но, за жал, како во минатото, така и денес, во голем број предучилишни и училишни контексти јазиците на децата не се прифаќаат. Пораката која децата ја примаат е дека штом го поминат училишниот праг треба да заборават на својот јазик и дека ако сакаат да бидат прифатени во предучилишната или училишната средина или во пошироката заедница постои само јазикот на мнозинската заедница кој е легитимен или важечки и со тоа се отфрла значаен дел од идентитетот на ученикот или на детето. А она што го знаеме од истражувањата е дека децата ќе имаат подобри резултати и поинтегрирано чувство за самите себе ако паралелно со изучувањето на јазикот на кој се одвива наставата го негуваат и мајчиниот јазик. Оттука, целта треба да биде повеќејазичност за учениците.

 

Кои се главните предизвици со кои се соочени наставниците во работата со деца кои не се родени говорители на јазикот на настава?

 

Најочигледен предизвик е оној што се однесува на комуникацијата. Ако некој ученик дојде во училиштето како новодојденец и многу малку го знае или воопшто не го зборува јазикот на кој се одвива наставата, очигледно ќе постои комуникациски јаз, но она што го знаеме е дека наставниците можат да го премостат тој јаз со користење секакви знаци за доближување на значењето. Во истражувањата овој метод се нарекува „поставување скеле“ и ако размислиме за поставувањето скеле на некоја куќа или зграда на коешто работат работници, ќе сфатиме дека тоа всушност им овозможува на тие работници да имаат пристап до места до коишто претходно немале без поставување на скелето. Па така, поставувањето скеле во контекст на наставата значи обезбедување поддршка за учениците да го научат јазикот на кој се одвива наставата и да стекнат писменост на тој јазик и тоа вклучува работи од типот на визуелни елементи, како фотографии, слики, графика, дијаграми, итн., кои помагаат да се пренесе значењето. Ќе вклучува и работи од типот на демонстрации каде во конкретна ситуација можеме да им покажеме на децата што се бара.

 

Што можат наставниците да научат од минатите стратегии користени за интегрирање на деца бегалци во училницата?

 

Ако ги земеме за пример новодојдените ученици кои пристигнуваат во училиштата, а за жал, денес сме во ситуација кога имаме голем број украински деца кои започнуваат да посетуваат училишта насекаде низ Европа и во земји како што се Канада и САД како резултат на војната во Украина, голем број од овие ученици имаат доживеано трауматични искуства, нивните татковци главно се сè уште во Украина. Затоа, постои потреба од изразена сензитивност за ситуацијата во која се наоѓаат овие ученици. И ова е нешто што очигледно ќе создаде загриженост кај одредени наставници, но наместо да се применуваат решенија во кои индивидуални наставници прават нешто по свое, подобро би било ако целото училиште се обедини и разговара за тоа какви процеси на ниво на цело училиште би требало да воспоставиме за училиштето да биде пријатно и безбедно место за новодојдените ученици. Како може да ги вклучиме родителите во образованието на нивните деца? Како може да им објасниме на родителите какво е училишното образование во Белгија, во Ирска, во Канада или на други места? Како може да обезбедиме ресурси за родителите да им помогнат на своите деца во изучување на јазикот на кој се одвива наставата? Како може да им укажеме на учениците дека нивниот мајчин јазик е драгоцен и дека е нешто што треба да се негува? За тоа е потребна дискусија на училишно ниво, лидерство од директорите на училиштата и од замениците директори за тоа да се оствари, како и вклучување на самите деца, децата кои веќе учат во тоа училиште во насока на тоа да им се објасни дека има новодојдени деца, дека тие доаѓаат од Украина, дека може да ја побараме на мапата, да видиме што се случува таму и дека сакаме да обезбедиме средина во која тие ќе се чувствуваат добредојдени и да видиме до какви идеи може да дојдат за да им се помогне на новодојдените ученици да се адаптираат, да се чувствуваат добредојдени и да започнат со учење и да го продолжат своето образование.

 

 

Additional information

Key competences