Skip to main content
European School Education Platform

Кодекс на однесување на еТвининг

A. Основни принципи

 

Сите eTвинери и нивните настани, пораки, објави, проектни материјали и сè што е објавено во делот на еТвининг, мора да се придржуваат и да ги почитуваат следниве основни принципи, во согласност со основните вредности и општите принципи на Европската Унија.

 

- Бидете инклузивни. Сечии мислења и ставови се секогаш добредојдени и дозволени во границите утврдени со овој Кодекс на однесување. еТвинерите се охрабруваат да гледаат подалеку од сопствената перспектива, да ги разбираат различните култури и да покажат чувствителност кога вклучуваат други еТвинери во своите настани, проекти, групи и мрежни активности - подеднакво онлајн и на лице место. еТвининг поттикнува разбирање, емпатија и отвореност едни кон други со цел заедницата да стане безбеден простор без вознемирување.

 

- Почитувајте. Членовите на еТвининг заедницата мора да се однесуваат со почит кога соработуваат со своите колеги/врсници и кога комуницираат едни со други. Почитувањето на другите луѓе и нивните активности на оваа платформа и претпоставката дека нивните активности се мотивирани од добрите намери, ќе направат еТвинерите не само да се чувствуваат удобно и безбедно, туку и мотивирано и продуктивно. еТвинерите не можат да ги навредуваат или отфрлаат другите, или да поттикнуваат насилство над луѓето врз основа на нивната раса, етничка припадност, национално потекло, религија, сексуална ориентација или пол и / или како член на земја, група или малцинство.

 

- Бидете толерантни. Несогласувањето повремено е неизбежно. Толеранцијата кон ставовите на другите го придвижува прагматичниот пристап охрабрен во оваа заедница. Она што е важно е да се бараат конструктивни решенија за несогласувањата и различните ставови, секогаш во рамките на границите, како што е опишано и дефинирано во овој Kодекс на однесување, и да прифатиме дека во некои случаи ќе мора „да се согласиме дека не се согласуваме“.

 

- Бидете љубезни и пријателски расположени во сите форми на комуникација - особено во комуникацијата на далечина, каде што можностите за недоразбирање се поголеми. Да се биде љубезен значи да се биде свесен и да се почитуваат чувствата на другите луѓе и тоа да се покаже. Како дом на сите еТвинери, делот на еТвининг во рамки на Европската платформа за училишно образование е онлајн простор каде тие можат слободно да се изразуваат, лесно да ги разменуваат и внимателно да ги разработуваат своите идеи и размислувања, и подеднакво да ги третираат идеите и размислувањата на другите еТвинери. Ова значи да се потрудиме внимателно да ги избираме зборовите и содржините во настаните, проектните материјали, описите на онлајн состаноците и на состаноците со физичко присуство, објавите и пораките.

 


Б. Некои правила до кои мора да се придржуваат сите еТвинери

 

За да се олесни разбирањето на тоа што е дозволено и што не е дозволено во делот од платформата посветен на еТвининг, еТвининг подготви некои правила што мора да ги почитуваат сите еТвинери.

 

1. Забранета е употребата на еТвининг за комерцијални цели. Строго е забрането да се користи платформата за комерцијални цели. Сите компании, иницијативи, настани или софтвери со комерцијална намера ќе бидат отстранети, како и нивниот пристап до самата платформа.

 

2. Забранети се директни закани, малтретирање или вознемирување. eTвининг не толерира насилство или малтретирање. Ако сте жртва на кибермалтретирање или некој ви се заканува додека ги користите кои било од просторите на еТвининг (јавни и приватни), ве молиме пријавете ја пораката или контактирајте со Организацијата за поддршка. Треба да знаете дека секој што ќе биде фатен како  малтретира или вознемирува други членови на платформата може да биде блокиран на eTвининг засекогаш.

 

3. Интелектуална сопственост. Осигурете се дека содржината што ја поставувате на платформата не повредува никакви авторски права. Пред да споделите слики, видеа, документи или други ресурси, ве молиме проверете дали имате право да го сторите тоа. 

 

4. Лажно претставување. еТвинерите не смеат лажно да се претставуваат како други поединци или групи /организации што не ги претставуваат, со намера да ги доведат во заблуда, збунат или измамат другите.

 

5. Ученици (малолетни лица). еТвининг сериозно ги сфаќа приватноста и безбедноста на учениците. Избегнувајте објавување слики од учениците на вашиот eTwinning профил, на TwinSpace, во Групите, итн. Во случај да објавите слики, погрижете се да имате согласност од малолетникот кој има право да дава согласност или од носителот на родителска одговорност над детето согласно Регулативата (ЕУ) 2018/1725 (link). Исто така, обезбедете копија од изјавата за приватност (link) или погрижете се учениците да не може да бидат препознаени.

 

6. Приватни информации и чувствителни податоци. Бидете внимателни во врска со содржината што ја објавувате, а која се однесува на другите.  Не треба да ги споделувате вашите или приватните информации на други еТвинери - како што се личните телефонски броеви и адреси, детали за кредитни картички или други приватни информации - или интимни слики и видеа. Секогаш размислете пред да објавите!

 


В. „Нетикеција“

 

еТвинерите треба да ги водат своите мрежни интеракции професионално, учтиво и со почит како што би правеле во нивните интеракции во реалниот живот. Подолу се дадени примери за тоа што корисниците треба и што не треба да прават.

 

1. Внимателно и одговорно користење на системот за интерни пораки. Воздржете се од испраќање премногу пораки до наставници со кои не работите. Пред да контактирате со корисниците: проверете го нивниот профил; проверете дали се слободни за да работат на проекти; погрижете се вашата порака да биде релевантна. Не испраќајте ја истата порака до повеќе еТвинери.

 

2. Избегнувајте затрупување со несакана пошта (спамирање) на форумите. Форумите во Зоната за остварување контакти на Европската платформа за училишно образование генерираат илјадници пораки. Осигурете се дека вашата порака ја запазува темата на нишката. Пред да поставите нова објава, проверете дали има други релевантни пораки на темата и одговорете на нив. Помогнете ни да ја задржиме релевантноста на форумите заради подобрување на соработката!

 

3. Објавувајте само релевантни и соодветни коментари на објавите на луѓето. Кога објавувате коментар на нечиј туѓ профил, погрижете се тој да биде релевантен за корисникот. Коментарите мора да бидат за поединци и да бидат поврзани со објавата на корисникот. Не пишувајте го истиот коментар на повеќе корисници.

 

4. Избегнувајте произволни барања за контакт и покани за учество на проекти. Избегнувајте да барате еТвинерите да бидат дел од вашата мрежа на контакти или да се приклучат на вашиот проект без да сте имале претходна комуникација. Погрижете се да имате разумен и прифатлив број контакти на вашиот список. Сакате да следите нечии најнови објави? Наместо да им испраќате барања и покани, следете ги.

 

5. Таргетирано канење за учество во Соби. Избегнувајте да ги каните вашите контакти да учествуваат во Соби кои вие ги раководите, освен ако не сте сигурни дека тие колеги можат да учествуваат. Произволното канење за учество во Соби ќе се смета за спам.

 



Г. Прекршување на Кодексот на однесување

 

Што можете да направите ако сметате дека некој еТвинер не го почитува Кодексот на однесување?

 

Во Заедницата за поддршка, даваме сè од себе за да ги заштитиме луѓето од злоупотреба во рамки на еТвининг, но како активна и плуралистичка заедница, сметаме на секој eTвинер да ни помогне да го задржиме позитивниот став и да ги намалиме несаканите инциденти. Затоа, ги охрабруваме еТвинерите да пријавуваат кога е тоа потребно.
 

Во случај да наидете на објави, настани или коментари во Списанија и Форуми, да добиете приватна порака или да видите содржина што е навредлива, што ги крши авторското право или заштитата на податоците, или што едноставно ја сметате за несоодветна, можете да го користите копчето „пријави“ - доколку е достапно, во спротивно можете да контактирате со Организацијата за поддршка - и да ги споделите вашите причини за пријавувањето. Вашата порака ќе биде процесирана од Организацијата за поддршка.

 

Што ќе се случи ако некој не го почитува Кодексот на однесување?

 

Непочитувањето на правилата содржани во овој Кодекс на однесување претставува кршење на неговите услови и може да резултира во привремено или трајно отстранување на каква било објава или материјал поставен од еТвинерите, во кое било време, без претходно предупредување. Во вакви случаи, авторите на материјалите и нивната Организација за поддршка ќе бидат информирани и ќе бидат наведени причините за отстранувањето. Корисниците кои не го почитуваат Кодексот на однесување, исто така, можат да добијат привремена или трајна забрана од еТвининг.

 

Во случај на спор, конечната одлука ќе ја донесе Европската комисија, во чие име работи еТвининг.