Skip to main content
European Commission logo
European School Education Platform
Interview

Разговараме за образованието: Дали медиумската писменост треба да биде дефинирана од нејзините нарушувања?

Пандемијата покрена наплив од дезинформации и лажни вести во Европа и пошироко. Таквите кризи го зголемија интересот на луѓето за медиумската писменост, но дали гледаме на темата низ вистинската призма? Дивина Фрау-Мегс, професорка по медиумска и ИКТ социологија на Универзитетот Нова Сорбона во Франција смета дека медиумската писменост не се сведува само на нејзините нарушувања и дава предлози за тоа што училиштата и креаторите на политики може да направат за да ја промовираат.

Здраво, јас сум Дивина Фрау-Мегс. Јас сум професорка на Нова Сорбона и стручњак за медиумска и информациска писменост, поле во кое работам веќе речиси 40 години.

Кој е моментално најголемиот проблем во полето на медиумската писменост?

Полето на медиумска писменост моментално се наоѓа во полн расцут, а тоа делумно се должи на неколкуте демократски кризи што ги имавме. Па така, таа главно се промовира преку информациските нарушувања, какви што се говорот на омраза, лажните вести, кибервознемирувањето, итн. Една од работите што ме загрижуваат е тоа што холистичката визија што ја имаме за медиумската писменост, која ги зема предвид можностите и креативноста што ги нудат таквите педагогии на „учење преку практика“… ќе биде загубена. Друго што ме загрижува е тоа што, барем во Европа, сега имаме директива, Директивата за аудиовизуелни медиумски услуги, која им наметнува обврска на земјите-членки – но оваа директива ја вклучува и улогата на платформите: платформите би требало да практикуваат медиумска писменост и да ја промовираат. И се плашам дека овие платформи кои беа дел од проблемот на информациските нарушувања можеби не се најдобрите и најневините актери што би можеле да се вклучат во медиумската и информациската писменост.

Како пандемијата ја промени сликата на медиумската писменост?

Сликата на медиумската писменост многу се промени поради КОВИД. Така, на пример, Европската Унија ја создаде „EDMO“, којашто е опсерваторија за дигитални медиуми која е главно посветена на дезинформации и проверка на факти; во рамки на Директоратот за образование, млади, спорт и култура се формираше нова експертска група, во која сум членка, со цел промовирање на дигиталната писменост. Има голем број можности за медиумската и информациската писменост да се покаже како едно од решенијата.

Како училиштата може подобро да се справат со проблемите, како што се радикализацијата и теориите на заговор?

Создавањето свест на училишно ниво – тимот на лидери во училиштето – е од клучно значење. На тој начин, тие можат да изработат сопствени стратегии, да го превенираат ова и да бидат подготвени однапред. На пример, може да имаат млади луѓе кои се амбасадори и кои може да сигнализираат кога има проблем меѓу врсниците, и некои примери од тој тип. Може да обучат одредени наставници да го прават тоа со други колеги. Може да побараат помош однадвор, односно надворешни експерти: новинари, аниматори и посредници од полицијата, и од други дејности. Честопати, барем во Франција, тоа се подведува под насловот „добросостојба и добра училишна клима“, бидејќи, се разбира, она што се случува онлајн има последици офлајн, и обратно.

Кои се вашите очекувања од политиките и практиките за медиумска писменост во Европа во иднина?

Имам голема надеж во иднината на медиумската и информациската писменост. Имаме цела низа ешалони кои сега се активирани. Се разбира, сега мора да се погрижиме тоа да се спроведе. А јас ќе се борам за две работи: Едната е она што јас го нарекувам MILComp, односно воспоставување рамка на компетенции за медиумска и информациска писменост која може да се вклопи во DigComp, рамката за дигитални компетенции што моментално ја имаме – и работиме на тоа. Другата работа е да се обезбеди медиумската писменост да стане дел од основната главна наставна програма од K1 до K12, затоа што не може да се користи од време на време како варијабла за приспособување кога имате слободно време. Таа е трансверзална и треба така да остане, но заслужуваме да ја имаме и како еден од главните предмети.