Skip to main content
European Commission logo
European School Education Platform
Tutorials

Преглед на образованието и оспособувањето: како да го користите еден од најголемите годишни извештаи за образование во Европа

Прегледот на образованието и оспособувањето е годишна водечка анализа на Европската комисија за состојбата со образованието во Европската Унија. Прегледот дава информации за целите на ниво на ЕУ кои се дел од долгорочната стратегиска рамка на ЕУ во областа на образованието. Освен тоа, Прегледот се фокусира на „водечка тема“. Ова упатство ќе ве запознае со главните елементи на Прегледот и ќе ви покаже како да ги применувате во рамки на вашата работа.

Прегледот како концепт

Прегледот има цел да поттикне дијалог со земјите-членки и меѓу земјите-членки и други чинители во образованието, како и да ги истакне мерките на политики кои дале резултати на терен, како начин за покренување образовна реформа. Како извори на податоци се користат анкетите на ЕУ, заедничката база на податоци на УНЕСКО-ОЕЦД-Евростат (UOE), ПИСА студијата на ОЕЦД, Меѓународната студија за компјутерска и информациска писменост (ICILS) на IEA, и мрежата Евридика.

Прегледот вклучува меѓунационална и тематска анализа, како и 27 детални извештаи за земјите.

Претходните „референтни вредности за 2020“ се заменети со „целите на ниво на ЕУ за 2021-2030 година“, иако има значително преклопување меѓу двете. Новите референтни вредности се однесуваат на следниве теми:

  1. 15-годишници со слаби постигнувања во стекнувањето основни вештини
  2. Осмоодделенци со слаби постигнувања во стекнувањето основни вештини
  3. Предучилишно образование и грижа
  4. Ученици кои предвремено ги напуштаат образованието и обуката
  5. Постигнувања во терцијарно образование
  6. Изложување на ученици од последната година од стручно образование и обука (VET) на учење засновано на работа
  7. Учество на возрасни во учењето

Прегледот како алатка

Прегледот нуди изобилство на податоци кои може да ги користите за разни намени, како на пример, во вашите Еразмус+ или еТвининг проекти, во вашите акциски истражувања во училница или во планот за развој на вашето училиште. Еве некои кратки појаснувања за неговите елементи и некои идеи како да ги користите.

Извештаи за земјите: Во овие 27 посебни извештаи за земјите се оценуваат мерките на политики во земјите-членки на ЕУ со помош на најновите податоци. Извештаите се корисни за изолирање проблематични области во вашата земја. Овие информации може да ги користите за осмислување Еразмус+ или еТвининг проекти на таа тема; за изработка на локален или регионален стратегиски план; или за самопроцена на пристапот на вашето училиште. Тие се достапни на англиски јазик и на официјалниот/те јазик/ци на земјата.

Преглед на целите на ниво на ЕУ:Прегледот на целите на ниво на ЕУ ги споредува целите (на пр. „бројот на 15-годишници со слаби постигнувања во областите читање, математика и природни науки треба да биде помал од 15% до 2030 година“) со фактичките резултати на земјите членки. Земјите кои ја постигнале референтната вредност се означени со зелена боја, додека оние со најдобри резултати на ниво на ЕУ се наведени посебно. Овој леток е идеален за споредби меѓу земјите. Може да ви помогне да најдете проектни партнери кои се соочуваат со проблеми слични на вашите, или пак партнери кои се успешни во некоја област во која вашата земја се соочува со предизвици. Исто така, може да укаже на некои теми кои вреди да се истражуваат во контекст на акциско истражување.

Инфографици и табели со слики од ЕУ: Инфографиците користени во Прегледот може да се користат како поткрепа на вашиот проект или на вашето акциско истражување, или пак за да ги направите часот или презентацијата поинтересни. Истото се однесува и на табелата со слики.

Информативен лист: Информативниот лист дава резиме на Прегледот на две кратки страници.

Анализа на ЕУ:Анализата на ЕУ дава целосен преглед на извештајот, анализирајќи го европското образование од меѓунационална и тематска гледна точка. За едноставно да ја видите големата слика, може да го погледнете извршното резиме.

Ако сакате да ги видите податоците уште подетално, базата на податоци на Евростат ќе ви помогне во прелистување и отворање податоци за која било конкретна цел и ќе ви овозможи нивно споредување меѓу земји или години.

Ви дадовме само еден мал приказ на тоа за што служи Прегледот, но секако, треба сами да го истражите и да откриете како тој може да ви помогне!