Приказна на еТвининг од ирскиот распеан остров Аранмор

„Gairmscoil Mhic Diarmada“ е мало рурално средно училиште кое е дел од иницијативата DEIS (обезбедување еднаквост на можности во училиштата) и се наоѓа во близина на брегот. Училиштето било отворено во 1990 година откако локалното население спровело голема кампања. Моментално има 71 ученик и 18 англиско-ирски билингвални наставници. Грижата, почитта, еднаквоста, училишната заедница и извонредноста во образованието се негови основни вредности, коишто се одразени и во политиката и одлучувањето на училиштето.
Флоренс Калеј е помошна наставничка во средно образование со 15 години искуство во подучување математика, писменост и вештини за учење, како и емоционални вештини во „Gairmscoil Mhic Diarmada“. Преку овој видеозапис, таа ќе нè однесе на виртуелна тура за да го запознаеме училиштето, како и неговото интригантно опкружување.
Исто така, таа ги сподели со нас предизвиците и предностите да се држи настава во мала ирска рурална област и како еТвининг влијаел врз квалитетот на учењето во училницата.
„На толку мал остров, тешките временски услови претставуваат сè поголем ризик за образованието на учениците, со оглед на тоа дека училиштето понекогаш е принудено да затвори привремено поради северо-западниот ветер. Иако часовите може да се надополнат, сè помалиот број на население значи дека нашето училиште може да понуди само ограничен број предмети и сертификати поради малиот број ученици.
Без оглед на тоа, малиот број ученици има свои предности. Наставниците можат да развијат поблизок професионален однос со своите ученици, како и да дадат приоритет на личниот и образовниот напредок на секој ученик. Тоа што природата е на чекор од нас помага да извлечеме низа придобивки за физичкото и менталното здравје на учениците, коишто може да уживаат во активности од типот на градинарство и проучување на океанот и на дивиот свет. Покрај тоа, има и силна синергија со локалната заедница.
На пример, за време на пандемијата на КОВИД-19, една локална медицинска сестра и еден доктор држеа часови за разни болести и ги учеа нашите ученици како се дава прва помош. Исто така, локални претприемачи и работници го посетија училиштето за да ги споделат своите сознанија за претприемништвото и нивното користење на центарот кој се наоѓа на островот. Се одржа и медиумска обука која ја водеше една локална деловна жена којашто ги вклучи учениците во активности со локалната заедница.
На крај, нашето училиште беше вклучено и во неколку проекти, како што се „Plant a Planet“ и „Future Innovators“. Додека проектот „Plant a Planet“ беше фокусиран на засадување на што е можно поголем број дрвја во училишниот двор, а дури влезе и во програмата „Youth Environmental“, проектот „Future Innovators“ се стремеше да се осврне на социјалните предизвици преку пристапи на социјална иновација и социјално претприемништво, соработувајќи со локалните жители, групи од заедницата и организации.
еТвининг им беше од голема корист на учениците. Им овозможува да се поврзат и да учествуваат во проекти низ цела Европа и на тој начин ги охрабрува да развијат „европска димензија“ со проширување на ѕидовите на нивната училница. На овој начин, се подобрува нивното искуство со учењето, затоа што кај нив повторно може да се разбуди ентузијазам, на пример, за учење нов јазик за да се спријателат со ученици од други европски земји. Истовремено, нам како наставници ни нуди нови стратегии и алатки, како и начини на подучување, додека ние учиме и се приспособуваме на светот кој брзо се менува.
Со учеството во проекти на еТвининг, нашето училиште беше навикнато на употребата на алатките за комуникација, па затоа, бевме добро подготвени за ефектите од ограничувањето на движењето поради КОВИД-19. Училиштето успеа да обезбеди лаптопи и ајпеди за учениците од семејства со послаби финансиски ресурси. Во периодот додека да се прогласи второто ограничување на движењето, се обезбедија повеќе ИКТ ресурси и за учениците, и за кадарот.“