Користење ВИ во учењето и подучувањето: први чекори и повратни реакции

Во тек се голем број проекти на Еразмус+ во кои се користи или пак се разработува темата на ВИ во образованието. Еве неколку примери за подобро да ги разбереме работите и прашањата што треба да се разгледаат.
1. ВИ во поддршка на лидерството на наставниците
Системите на адаптивно учење користат алгоритми на ВИ за да ги персонализираат и диференцираат патеките на учење на учениците. Како елементи интегрирани во ресурсите од наставната програма, тие изискуваат првично собирање податоци, како и тест за утврдување на подготвеноста на учениците. Алгоритми од типот на „k-nearest neighbors“ може да се користат за предлагање групи (кластери) врз основа на анализа на собраните податоци. ВИ предлага групи кои им се потребни на наставниците – според слични поведенија на учење – следејќи го примерот на Adaptiv'Math што се користи во Франција. Наставниците одлучуваат дали да состават хомогени или хетерогени групи согласно своите цели (особен проблем за хомогена група, соработка, заемна помош, итн.). Софтверот може да ги анализира и измени потенцијалните групирања после секоја нова активност. Наставниците може да ги изменат групите при доделувањето задачи на секој од учениците и да им помогнат со меморирањето и задржувањето на знаењето. Меѓутоа, наставниците мора да ги земат предвид човечките и релациските динамики кои не биле преточени во индикатори за ВИ.
За да ги мотивираат своите ученици да се подготват за нивните часови, холандските наставници користат виртуелни средини за учење, како што е платформата за групно коментирање текстови Perusall. „ВИ во Perusall се користи како агент за промени во однесувањето кој избира коментари и поттици за учениците да дадат повратни реакции на интелигентен начин“ (Извештај SURF). Таа е тренирана да врши квалитативни толкувања на податоци од учениците и може да биде корисна за нивно ангажирање. Пристрасности и ограничувања се возможни, поаѓајќи од јасноста во однос на очекувањата на наставниците и информациите што им се даваат на учениците. Оваа возможност „води кон нови разговори за улогата на наставникот во ангажирањето на учениците и оценување со ВИ како наводно објективен прв читач“ и ја истакнува потребата од применето истражување.
2. ВИ во поддршка на разбирање на читањето кај учениците и наставниците
Стекнувањето вештини за читање (дешифрирање, течност, разбирање) е клучно прашање за сите земји членки на ЕУ. Бројни истражувачки и развојни проекти предлагаат софтвер за унапредување на писменоста, честопати со користење ВИ за обработка на природен јазик. Неколку ресурси наменети за ученици на возраст од 6-8 години, како што се GraphoLearn (дизајниран во Финска), Graphonemo, Kalulu, Kaligo и Lalilo добија поддршка од француското Министерство за образование во изминативе две години. Под водство на наставници, експерти за образование и когнитивни научници од фазата на дизајнирање, тие ги збогатуваат педагошките можности и продуцираат резултати кои допрва треба да се евалуираат во голем обем. Исто така, тие овозможуваат да се идентификуваат тешкотии со читањето поврзани со „ДИС“ проблеми (дислексија, дисграфија, дискалкулија и диспраксија), без да мора да се користат техниките на „следење на очите“ користени во шведски проект, прв од таков тип, под наслов „Lexplore“. Треба да се внимава на податоците што се собираат, обработуваат и складираат (особено гласовни податоци) со цел тие да се користат етички и во согласност со постојните прописи.
3. ВИ во поддршка на „учењето“ на учениците со или без наставници
Постојат и апликации со ВИ кои може да се користат во училницата или дома, со или без вклученост на наставникот.
Базирани на препознавање слики, звуци или текстови, овие апликации може да се интегрираат во пристап за решавање проблеми вклучен во наставната програма, како што е апликацијата KIKS AI која се користи во рамката за СТЕМ во Фландрија, Белгија. Истото важи и за физичките науки, со апликацијата Vittascience која се користи во Франција.
Учениците може да користат апликации и за самостојно извршување на нивните задачи. Апликациите за учење математика и јазици се моментално најраспространетите и најпреведуваните. Хрватската апликација Photomath, која е лесна за користење, им дава на учениците логичко објаснување наместо решение. Ги повикува наставниците и институциите да работат на иновативен начин во однос на целите за учење.
Заклучок
Во оваа рана фаза на користење образовни ресурси засновани на ВИ, важно е да се разберат нивните начела и примена за да се увиди нивната релевантност за секој конкретен контекст. Во таа смисла, Етичките насоки за едукаторите за користење ВИ и податоци во подучувањето и учењето изработени од Европската комисија може да помогнат да се предвидат можните промени во начинот на кој подучуваме и учиме.
Additional information
-
Evidence:N/A
-
Funding source:Erasmus+
-
Intervention level:N/A
-
Intervention intensity:N/A
-
Participating countries:BelgiumFranceNetherlands
-
Target audience ISCED:Primary education (ISCED 1)Lower secondary education (ISCED 2)Upper secondary education (ISCED 3)