Skip to main content
European Commission logo
European School Education Platform
News item

Церемонија на доделување на Европските еТвининг награди за 2022 година

По воведните забелешки и главни излагања на првиот ден од Годишната конференција на еТвининг, конечно дојде време да се оддаде признание за достигнувањата на оние кои се стожер на заедницата на еТвининг: наставниците и учениците.
eTwinning Prizes 2022

Домаќин на церемонијата за доделување на наградите на победничките и на второпласираните еТвининг проекти во 6 категории беше Ирене Патераки. Сесил Ле Клерк, виша експертка на еТвининг, Михаел Тојч, раководител на одделение во Генералниот директорат за образование и култура и Флоренс Мондин, раководителка на одделение во Генералниот директорат на Европската извршна агенција за образование и култура, исто така, беа присутни за да им ги врачат наградите на добитниците и да им честитаат за напорната работа. Сите домаќини истакнаа дека се многу импресионирани од начинот на кој добитниците на наградите ги имаа ставено учениците во центарот на процесот на учење.

 

Исто така, забележаа дека наставниците им даваат приоритет на горливите теми, како што се климатските промени и дезинформациите, како нивни редовни проектни активности. При доделувањето на наградата за второ место во возрасната категорија од 12–15 години, Мондин рече: „Слушнавме за заемна почит, разбирање, тимска работа; токму за тоа служат проектите на еТвининг.“ 

 

Возрасна категорија од 0–6 години:
Победник – „STEAM Preschool Academy“: победничкиот проект вклучуваше наставници и ученици од Естонија, Грција, Словачка, Шпанија и од Турција. „Во рамки на нашиот проект, учениците научија како да создаваат бајки заедно со другите деца. Заедно ги пишувавме приказните, а потоа ги програмиравме роботите“, објасни наставничката Јелена Ратик од Естонија. Учениците рекоа дека се задоволни што можат да учат со ученици од други земји. Еден ученик од Естонија рече дека научил „како да се спријателува со други деца“. 

 


Второ место – „Engineers of the Ecosystem“: со вклучени наставници и ученици од Полска, Турција и од Шпанија, проектот „Engineers of the Ecosystem“ се стреми да ја подигне свеста на учениците за „инженерство во хармонија со природата“. Проектните активности вклучуваа преосмислување на гнездата на животните и создавање сопствени еколошки куќи за учениците. Ајфер Екиз, наставничка од Турција, рече дека проектот им овозможил на учениците да „работат заедно за заедничка цел и да запознаат различни земји“.

 


Возрасна категорија од 7-11 години:
Победник – „eTwinners as Pros“: овој проект, којшто вклучуваше наставници и ученици од Хрватска, Грција и од Шпанија, имаше цел да им претстави на учениците повеќе кариерни можности. Сара, еТвининг ученичка од Хрватска, рече: „На часовите со еТвининг запознав нови луѓе од други земји.“ Медиумската писменост, исто така, беше клучен елемент од проектот; учениците подготвија сесии за врсничко учење посветени на тоа како да се биде добар дигитално писмен граѓанин. 

 


Второ место – „Around the World with Friends“: во рамки на овој проект, учениците од Полска и од Шпанија учеа ИКТ и англиски јазик користејќи ја книгата „Пат околу светот за осумдесет дена“ од Жил Верн. Додека учениците ја читаа книгата, тие не само што работеа на подобрување на своите вештини по англиски јазик, туку учеа и географија и факти за нови земји. Ајмар, ученик од Шпанија, рече дека работејќи со ученици од други земји: „Научивме од нивните обичаи, од нивната култура и научивме да ги почитуваме разликите.“ 

 


Возрасна категорија од 12-15 години: 
Победник – The “DISCONNECT”: победничкиот проект вклучуваше наставници и ученици од Грузија, Шпанија, Германија и од Италија. Учениците ја читаа и анализираа книгата „The Disconnect“ од Керен Дејвид. Учениците објавуваа на форуми за да овозможат дискусија за настаните од секое поглавје. Учениците рекоа дека една од најважните работи што ја научиле била тоа „да бидат отворени и да ја гледаат другата страна“. 

 


Второ место – „On The Edge“: овој проект, во кој беа вклучени наставници и ученици од Финска, Грција, Полска, Португалија и од Романија, имаше цел да го поврзе учењето со реалниот свет. Проектот ги распореди учениците во меѓународни тимови каде работеа на експерименти и слушаа предавања од експерти. Еден ученик рече дека разликата меѓу обичен час и час со еТвининг е во „соработката меѓу учениците и наставникот.“ 

 


Возрасна категорија од 16-19 години:
Победник – „eTw T-R-A-I-N“: ученици од Австрија, Хрватска, Република Чешка, Грција, Унгарија, Италија, Полска и од Шпанија учествуваа патувајќи со „еТв-воз“ низ Европа. Поделени во меѓународни групи од по 10 ученици, секоја група се фокусираше на различна тема. Покрај играње игри, учениците учествуваа и во предизвици, како на пример изработка на детектор на лажни вести. „Имаше многу соработка во рамки на проектот затоа што имавме можност да разменуваме мислења со други ученици“, рече Аинара, ученичка од Шпанија. 

 


Второ место – „A Speech Which can Reach“: проектот вклучуваше ученици од Хрватска, Италија, Словачка и од Турција, и беше фокусиран на унапредување на вештините на учениците за англиски јазик и дебатирање. Учениците избраа теми за дебатирање и заедно се подготвуваа за нив. Спроведоа истражување и проверка на факти во однос на изворите. Учениците рекоа дека не само што го вреднуваа разбирањето на разликите меѓу културите, туку и „заедничкиот терен меѓу нас, како што се вредностите и идеите за демократија“. 

 

 


ИВЕТ: 
Победник – „Solutions Against Greenhouse Effect (SAGE)“: двогодишниот проект на Еразмус+, којшто вклучуваше ученици и наставници од Франција и од Словенија, се фокусираше на разбирање на причините и последиците од ефектот на стаклена градина. На пример, истражуваа факти за временските промени во нивните земји. Подоцна, работеа во групи и истражуваа различни потенцијални решенија за глобалното затоплување. Проектот кулминираше со изградба од страна на учениците на нивен сопствен стакленик. 
 

 

 

Честитки за сите добитници на наградите: преку овие проекти, може да се види како еТвининг ги подготвува учениците за предизвиците со кои ќе се соочат во иднина.


„Секогаш треба да имате на ум дека она што е поважно и подрагоцено кај еТвининг е тоа што на вашите ученици им давате одлична можност да се среќаваат, да споделуваат европски вредности и да соработуваат и создаваат заеднички исходи со своите врсници“, рече Ирене Патераки, раководителка за педагогија. 

Additional information

  • Education type:
    School Education

Topics

eTwinning annual theme
eTwinning community
eTwinning conferences
eTwinning European Prizes
eTwinning projects