Skip to main content
European Commission logo
European School Education Platform
Expert article

Надминување на вообичаените бариери за вклученост на родителите

Активното партнерство меѓу училиштата и родителите е еден од најефикасните начини за едукација и поддршка на децата. Студиите покажуваат дека и формалната (во училиште) и неформалната (надвор од училиште) вклученост на родителите води до подобри академски резултати и благосостојба. Наставниците исто така реагираат позитивно на вклученоста на родителите со нудење почести повратни информации и дополнителна поддршка.
parents helping their child to do home work
Unsplash / Sofatutor

Изненадувачки, сепак, не постојат јасно дефинирани модалитети за вклучување на родителите низ земјите на ЕУ, дури ниту низ училиштата во истата земја, како што е прикажано во извештајот „Родителска вклученост во формалното образование“ (2021). Со други зборови, училиштата и наставниците дефинираат што претставува вклученост на родителите на индивидуална основа, од присуство на состаноци наставник-родител до учество на училишни настани.

Иако овој пристап може да изгледа како разумна стратегија на прв поглед, двосмисленоста во дефиницијата за вклученост може да доведе до негативни исходи. Родителите и наставниците може да имаат различно разбирање за тоа што родителите треба или не треба да прават за да помогнат во напредокот на нивните деца. Без јасни упатства, родителите би можеле да се вклучат на начини кои им изгледаат прифатливи или целосно да се воздржат од интеракции со училиштата. Овие родители можеби се неправедно етикетирани како „тешко достапни“ и незаинтересирани за образованието на нивните деца, што е очигледно далеку од вистината.

 

Една од главните препораки за зајакнување на вклученоста на родителите е да се обезбедат конкретни и акциони алатници за родителите базирани на активности за кои научно е докажано дека се ефективни. Партнерствата меѓу родителите и едукаторите треба да се охрабруваат уште од најраните образовни фази.

 

На наставниците може да им недостасува практично знаење и вештини за ангажман со родителите, конкретно во раната фаза од нивните кариери, а особено со родители кои активно не бараат ангажман. Студиите покажуваат дека младите наставници имаат корист од учењето „колега од колега“, особено кога се во комбинација со поискусни професионалци кои работат во училишта или населби со маргинализирани групи. Исто така, важно е да се додаде дека вклученоста на родителите се подобрува кога училиштата и наставниците им пристапуваат на родителите како на ценети партнери, а не во рамки на хиерархијата на моќта. Негативните искуства на родителите од детството поврзани со училиште може да ги направат да имаат недоверба или да се чувствуваат непријатно околу наставници и училишните власти.

 

Друга бариера што не треба да се занемари за некои родители е недостигот на одредени ресурси. Понекогаш тоа е недостаток на време поради работните услови (нефлексибилните часови или распоредот заснован на смени може да ги оневозможат состаноците со наставниците за време на стандардните училишни часови). Во други прилики, тоа е недостаток на (достапна) грижа за деца, бидејќи самохраните родители и родителите со повеќе мали деца или деца со попреченост можеби нема секогаш да имаат способност да организираат грижа за децата, особено на краток рок. За жал, недостигот на ресурси често преовладува меѓу социо-економски ранливите семејства - токму kaj семејствата чии деца би можеле најмногу да имаат корист од поддршката и од родителите и од наставниците.

 

Употребата на достапните технологии потенцијално може да помогне да се надминат овие пречки. Онлајн алатките, системите за пораки и аудио и видеоприклучување  може да им помогнат на семејствата да останат вклучени, дури и од далечина. Пандемијата со КОВИД-19 ја забрза дигитализацијата на образовниот систем и на општеството како целина, и ние можеме да продолжиме да ги користиме овие дигитални вештини на значаен начин.

 

Вклучувањето на родителите има значителни импликации за пошироките социјални нееднаквости: ранливите ученици (на пр., ученици од маргинализирани социо-економски или имигрантски средини, од домаќинства со еден родител, со посебни образовни потреби или други пречки) ќе имаат најголема корист од ефективниот родителски ангажман, не само за нивните непосредни училишни резултати, туку и преку долгорочните придобивки што може да ги понуди образованието, како што се приходите, здравјето и благосостојбата.

 

Родителите со поволни социо-економски прилики обезбедуваат широка поддршка и во и надвор од училиштето, за да им дадат на своите деца најдобра позиција при движењето во светот кој станува сѐ поголем предизвик. Родителите со поскромно минато можеби сè уште не го смениле својот начин на размислување за да се гледаат себеси како активни и способни партнери во образовниот процес. За време на пандемијата со КОВИД-19, децата со понизок социо-економски статус претрпеа најголеми загуби во образованието во многу европски општества. Наставниците и училиштата можат да им помогнат на родителите да го сменат нивното гледиште со постојано охрабрување и нудење достапни алатки кои постепено ја градат способноста на родителите за успешно вклучување.

 

Аигул Алиева,научен соработник, Луксембуршки институт за социо-економски истражувања (LISER). Автор на NESET извештајотРодителска вклученост во формалното образование’ (2021)

Additional information

  • Target audience:
    Head Teacher / Principal
    Parent / Guardian
    School Psychologist
    Student Teacher
    Teacher
    Teacher Educator
  • Target audience ISCED:
    Primary education (ISCED 1)
    Lower secondary education (ISCED 2)
    Upper secondary education (ISCED 3)