Комбинирано учење во Штајнер-Валдорфските училишта

Што претставува Штајнер-Валдорфското образование?
Штајнер-Валдорфското образование поаѓа од претпоставката дека сите деца се родени со потенцијал и желба за градење односи, и дека на тој начин, тие стануваат способни. Овој пристап може да се опише како холистички и релациски од аспект на тоа што настојува целосно да ја ангажира личноста - телесно, емоционално и когнитивно - во процесот на учење. Ја истакнува важноста на односите: односот на личноста кон своето тело, кон светските култури, и кон физичкото и природното опкружување.
Нашиот мозок и нашиот нервен систем се релациски органи, и нашето знаење за светот и нашата способност за осмислено делување се интегрално поврзани со телесниот однос што го имаме кон нашето опкружување. Како телесни битија, ние сме вградени во светот и не сме само пасивни набљудувачи, одразувајќи го „внатре“ она што го гледаме „надвор“.
Без да навлегуваме многу во филозофија, важно е да сфатиме дека нашата способност за разбирање на реалноста буквално оди рака под рака со нашето сензорно-моторно доживување на реалниот свет, и дека тоа му претходи на нашето когнитивно разбирање.
Простори за учење во Штајнер-Валдорфските училишта
Средините за учење од реалниот свет се надополнети со учење во училница, а не обратно. Штајнер-Валдорфското образование го потврдува тоа на неколку начина.
Во раните години на учење, децата поголем дел од своето време во текот на годината го поминуваат во природа и изведуваат практични задачи, какви што се печење, готвење, чистење и одржување на градината.
За децата на возраст од 6 до 14 години, наставната програма во природа се придвижува од доживување на природата кон нејзино претставување низ практични сесии кои вклучуваат, на пример, традиционална изградба на куќа и земјоделство, дизајнирање мапи, производство на дрвен јаглен, гасење вар, екскурзии по предметите биологија и географија, и практични научни експерименти.
Учениците од средните училишта имаат годишна тринеделна пракса во земјоделство и шумарство (возраст од 14- 15 години), геодезија и индустрија (возраст од 15-16 години), социјална работа (возраст од 16-17 години), и индивидуални и групни проекти (возраст од 17-18 години). Секоја пракса е проследена со фотографија, филм, онлајн документација, поткаст, аудио дневници, и така натаму. Драмската продукција претставува замена за вообичаените часови во училница и ги вклучува учениците во драматургија, дизајн, изработка на костими, сценографија, осветлување, музика, маркетинг, глума, па дури и режија. Се основаат ученички компании кои нудат вистински услуги.
Пристапот на учење секогаш започнува со приспособување на телото (вежби за создавање релаксирана будност), богати доживувања, сеќавање, потсетување и реконструкција, споделување и споредба, создавање концепти и дури подоцна нивно споредување со постојни концепти, и поврзување на новите концепти со постојното знаење.
Наставната програма за дигитални медиуми започнува со создавање и анализа на слики и текст, пред да прогресира кон користењето дигитална технологија. Технологијата е секогаш интегрирана во други осмислени активности: на пример, кога ги изучуваат новините, учениците изработуваат сопствени весници (онлајн и печатени), пишуваат блогови, прават видеоинтервјуа, и така натаму. Ученици напредуваат од техники за рачно печатење кон компјутерска графика, и од механички калкулатори кон начело на дигитални калкулатори.
Комбинираното учење не подразбира само активности во реално време и простор, туку и анализа и осврнување на начинот на кој технологијата, вештачката интелигенција и дигиталните медиуми влијаат врз нашиот однос кон светот, кон другите и кон самите себеси на позитивен и, се разбира, негативен начин.
Дополнителни ресурси:
- Пример за наставна програма во природа
- Статија за образование во природа
- Магистерски труд за Штајнерова наставна програма во природа во Обединетото Кралство
- Меѓународен проект „Tiny House“ во склоп на Еразмус+
- Проект за глобализација
- Ученички бизнис проект
- Анимација против војната со ученици од деветто одделение
Д-р Мартин Роусон има работено како наставник според Валдорфскиот модел од 1979 година, и во Обединетото Кралство, и во Германија. Моментално предава во Хамбург, а е активен и во образувањето идни наставници на програмата за магистерски студии на Freie Hochschule Stuttgart. Освен тоа, тој е почесен професор на Националниот универзитет Цинг Хуа на Тајван (моментално онлајн поради пандемијата).