Градење мрежи меѓу училиштата и опкружувањето заради подобрување на образованието

Бројни напори се вложени за да се увиди како треба да се променат училиштата со цел тие да ги задоволат барањата на општеството кое се одликува со комплексност, промени и неизвесност. Некои се фокусираа на професионалниот развој на наставниците, други на улогата на раководните тимови како промотори на образовна трансформација, а трети на унапредувањето на соработката меѓу училиштата и локалната заедница.
Односот меѓу училиштето и заедницата обично се формализира преку партиципативни организации и здруженија, како и во неформални контексти преку споделување искуства, одржување состаноци, разговори, итн. Меѓутоа, училиштата мора да имаат поголемо институционално присуство во заедницата, затоа што неа не ја сочинуваат само семејствата на учениците, туку и градските собранија, социјалните и здравствените служби, центрите за обука и универзитетите, културните и спортските установи, маалските здруженија, библиотеките, музеите, локалните медиуми, итн. Важно е да се поддржат партнерствата меѓу училиштата и заедницата од перспектива на демократското учество во образованието, кое само по себе има своја вредност и овозможува подобрување на образовните процеси.
Напредокот во оваа материја може да помогне во справување со предизвиците со кои се соочуваат училиштата од аспект на нивната желба за подобрување. Има неколку иницијативи кои служат како конкретен пример за важноста на односот меѓу училиштата и заедницата, како што се:
- Образовни планови на заедницата (за соработка меѓу локалните јавни установи и другите образовни чинители за поддршка особено на учениците од маргинализираните средини),
- Едукативни градови (за промовирање на образованието како алатка за социјална трансформација),
- Општински образовни совети,
- Локални спогодби за образование (договори меѓу локалните креатори на политики и разни видови субјекти за зајакнување на посветеноста на образованието).
Важно е соработката да се заснова на поддршка и заемна доверба. Заедницата придонесува за градење на образованието преку зајакнување на работата на училиштата и обезбедување ресурси, учество во заеднички проекти, промовирање меѓуинституционална соработка, итн. Од друга страна, училиштата ги градат своите заедници преку обезбедување на правото на образование, негување на чувствата на идентитет и припадност, остварување соработка во рамки на заеднички предлози, отворање на своите врати за заедницата, заложување за популарните иницијативи, воспоставување мрежи, итн. Тоа ја оправдува потребата од премин кон поотворено, пофлексибилно и поинклузивно училишно образование.
Што се однесува до раководството на образовните установи, интензивирањето на соработката меѓу училиштата и нивните локални заедници може да се постигне преку организирање заеднички семинари, објавување билтени за образование, одвојување простор и време за разговор, итн. Меѓутоа, за ваквите активности да станат реалност, неопходно е да се споделуваат вредностите и проблемите, да се променат индивидуалните и колективните ставови, да се изменат формите на институционално функционирање што се бараат, да се создадат сопствени стилови и динамика, и да се расте заедно.
И на крај, вмрежувањето претставува можност за ефективно практикување систематска, координирана и комплементарна соработка која е способна да изгради синергии и односи во рамки на отворени и диверзифицирани простори со цел постигнување заеднички цели преку специфични интервенции. Училиштата и нивните локални заедници мора активно да се вклучат во вмрежување, инспирирани од заедничко учење, преку критичко осврнување, самоевалуација и споделување на знаењето.
Ова ќе им овозможи на училиштата и на нивните заедници да се зафатат со нови позитивни предизвици, да ја забрзаат изработката на образовни предлози, да учат од иновативни практики и да стимулираат реципрочни односи. Врската меѓу вмрежувањето и развојот на училиштата и на нивните заедници треба да оди паралелно со организациските трансформации кои може да ги подобрат образовните процеси.
Во таа насока, интервенцијата на управителите и лидерите во полето на образование би можела да стане стожер на овие динамични процеси, промовирајќи ги посакуваните и неопходни промени, особено во најранливите заедници, и со тоа, подобрувајќи ги благосостојбата и животната траекторија на учениците.
Хосе Луис Муњос Морено е професор на Катедрата за применета педагогија на Автономниот универзитет на Барселона и член на Центарот за истражување и студии за организациски развој CRiEDO. Неговата главна област на истражување е поврзана со социјалното учество во образованието.
Additional information
-
Target audience:Head Teacher / PrincipalParent / GuardianStudent TeacherTeacherTeacher Educator