Интегрирање на учениците мигранти и бегалци во училиштата

Откако започна војната во Украина на 20 февруари, стотици илјадници Украинци ја напуштаат својата татковина и бараат азил во други европски земји. Околу 90% од проценетите 3,5 милиони бегалци се жени и деца. Покрај засолниште, на овие деца им треба пристап до образование за да го остварат своето основно право на образование.
Како дел од активностите преземени од заедницата на еТвининг во насока на поддршка на наставниците и учениците, Истакнатата група за „Интегрирање на учениците мигранти и бегалци во училиштата“ го прошири својот фокус за да ги зајакне и наставниците кои им помагаат на бегалците. Целта на групата е да им обезбеди поддршка на наставниците од цела Европа кои се соочени со предизвикот да им го обезбедат на овие деца правото на образование и обука, како и да им дадат чувство на нормалност и да се обидат да им ја ублажат траумата од војната и раселувањето.
Што може да се направи во рамки на училницата? Кои се најефективните начини за прифаќање на овие ученици во нивната нова училишна средина?
Групата нуди и споделува образовни ресурси и активности за децата бегалци и за нивните наставници во склоп на новата секција, НОВ АГОЛ: Наставници кои работат со ученици бегалци. Секцијата вклучува активности за социјална и емоционална интелигенција специфично насочени кон негување емпатија кон бегалците и помагање на украинските ученици на емоционално поле да се справат со тешките ситуации низ кои поминуваат. Исто така, обезбедува совети, техники и упатства кои треба да помогнат во развој на свеста, самоувереноста и вештините на наставниците за осознавање на проблемите на бегалците и за поддршка и прифаќање на децата бегалци и мигранти во редовните паралелки од социјална и емоционална перспектива. Помеѓу разновидните материјали, наставниците може да најдат и статии и ресурси за поддршка на интегрирањето на учениците бегалци во училишните системи на ЕУ.
еТвининг е заедница која се обединува во вакви моменти на опасност. Да покажеме солидарност со нашите украински колеги и пријатели. Заедно сме посилни.