еТвининг ја поддржува Украина: активности за солидарност водени од заедницата

Руската инвазија на Украина која започна на 24 февруари донесе мрачна реалност за нашите украински пријатели. Донесе смрт и раселување на голем број луѓе, што резултираше во сè потешка хуманитарна криза. Целиот свет беше сведок на чесниот отпор на украинскиот народ против инвазијата.
Во овие историски моменти, заедницата на еТвининг реагираше брзо и вложи напори за обезбедување поддршка. Новата група покрената од самите членови под назив „еТвининг ја поддржува Украина: активности за солидарност водени од заедницата“ има цел да се споделуваат информации и да се координираат активности за солидарност водени од заедницата, како и да се обезбедува емоционална поддршка за нашите драги украински пријатели. Инцијативата е пример за колективни дејства преземени преку обединување на еТвинерите во насока на истакнување на нашите споделени вредности на слобода, демократија и отпорност, како и координирање на солидарноста преку заемна поддршка, инспирација, комуникација и соработка.
Групата ја искажува заложбата на заедницата на еТвининг за поддршка на Украина и за нудење емоционална/психо-социјална поддршка и зајакнување на украинските ученици и наставници. Има секции кои вклучуваат организирани активности за солидарност со пораки за поддршка кои ги одразуваат нашите споделени вредности на комуникација, соработка, интеракција, почит, грижа и ненасилство. Освен тоа, како референтна точка за украинските бегалци за нивната земја и нивните сонародници кои се наоѓаат во други земји, групата изработи мапа за одржување контакти наменета за украинските ученици бегалци и наставниците што ги имаат згрижено.
Покрај тоа, нуди статии, ресурси и образовни материјали за поддршка на наставниците и учениците од Украина и поттикнува споделување добри практики за прифаќање и згрижување на украинските бегалци. Исто така, постои тековен отворен дијалог за предлози и активности каде мрежата на наставници кои меѓусебно соработуваат предлага иницијативи и идеи како да се покаже солидарност, како да се инспирираат членовите да учествуваат, и како да се овозможи колективно дејствување. Исто така, членовите се поттикнуваат во склоп на материјалите што ги споделуваат во групата да вклучат вести за иницијативите што се спроведуваат во нивните земји кои ќе им дојдат како олеснување и ќе им дадат надеж на нашите украински пријатели.
Заедницата на еТвининг се соочува со предизвиците преку обединетост и солидарност. Ајде да дадеме придонес кон заедничката акција за поддршка на нашите пријатели. Дури и најмалиот напор може да биде значаен ако сите се обединиме.