Skip to main content
European Commission logo
European School Education Platform
Expert article

ПИСА 2022 и ЕУ: три тренда кои поттикнуваат на размислување

Програмата на ОЕЦД за меѓународно оценување на учениците (ПИСА) ги мери компетенциите на младите во однос на основните вештини: математика, јазична писменост и природни науки. Студијата во 2022 година вклучуваше 690.000 ученици, како репрезентативен примерок од 29 милиони 15-годишни ученици од 81 образовен систем. Сите земји членки на ЕУ, со исклучок на Луксембург, зедоа учество, а нивните резултати беа објавени во декември 2023 година.
School supplies and textbooks on mathematics close up
evgenyi / Adobe Stock

Примарната цел е да се оцени колку добро учениците ги применуваат своите вештини и познавања при решавањето проблеми од реалниот живот, колку тие размислуваат критички во рамки на различните дисциплини и во која мера покажуваат ефективни стратегии на учење, а не да се мери нивната способност за меморирање информации и репродуцирање на научениот материјал.

ПИСА стекна голема репутација на глобално ниво како драгоцен ресурс врз кој се засноваат одлуките за политики и носењето ефективни реформи на политиките. Таа претставува драгоцена алатка за креаторите на политики и за едукаторите преку која тие можат да ги споредуваат образовните системи и да идентификуваат корисни практики. Може да се користи за создавање заеднички референтни точки, за искористување на влијанието на чинителите во секторот, како и за да им се помогне на земјите да ги унапредат своите образовни политики и исходи преку учење од искуствата од други системи.

Резултатите од ПИСА за 2022 година покажуваат три тренда во ЕУ кои поттикнуваат на размислување.

1 – Еден од четворица ученици покажува незадоволителни резултати по математика, јазична писменост или природни науки

Поседувањето задоволително ниво на основни вештини претставува основа за покомплексни способности и е пресудно за личен, академски и професионален успех. Тоа претставува предуслов за секој еден човек да може да се снајде со комплексностите на животот, да се ангажира околу својата заедница и да даде значаен придонес во општеството. Во контекст на Европската образовна област, ЕУ има поставено таргет во однос на основните вештини заснован на ПИСА: стапката на постигнување незадоволителни резултати на 15-годишните ученици (т.е. процентот на ученици кои не можат да го достигнат минималното ниво на компетенција) во областите на јазична писменост, математика или природни науки до 2030 година треба да биде помала од 15 %. Меѓутоа, резултатите во ЕУ сѐ повеќе се оддалечуваат од тој таргет. Стапката на постигнување незадоволителни резултати во голема мера е зголемена во областите математика и јазична писменост (поумерено зголемена кај природните науки) во повеќето земји во споредба со претходното тестирање на ПИСА (2018). Просекот во ЕУ сега изнесува 29 % за математика, 26 % за јазична писменост и 24 % за природни науки.

2 – Половина од учениците кои доаѓаат од социоекономски маргинализирани средини имаат незадоволителни резултати по математика

Социоекономската ситуација и понатаму претставува силен предодредувачки фактор за успехот на учениците. Незадоволителните резултати се многу почеста појава кај учениците кои доаѓаат од маргинализирани средини, отколку кај останатите нивни врсници. На пример, половина од учениците во ЕУ кои доаѓаат од социоекономски маргинализирани средини (48 %) постигнуваат незадоволителни резултати по математика. Обемот на овој јаз е зголемен во споредба со тестирањето на ПИСА од 2018 година.

3 – Помалку од еден од десет ученици постигнува врвни резултати по некој од предметите опфатени со тестирањето на ПИСА

Основните вештини, исто така, се од суштинско значење за економската конкурентност. За да го одржи својот капацитет за иновација во иднина, на ЕУ ѝ се потребни голем број млади луѓе со одлично ниво на владеење на основните вештини. ПИСА ги дефинира овие ученици како „ученици со врвни резултати“. Стапката на постигнување врвни резултати (т.е. процентот на ученици кои постигнуваат високо ниво на компетенција) е опадната насекаде во областите на математика и јазична писменост во споредба со тестирањето на ПИСА во 2018 година, додека во областа на природни науки таа е генерално стабилна во повеќето земји. Во 2022 година, само 8 % од учениците во ЕУ постигнале високо ниво на компетенција по математика, а 7 % по јазична писменост и природни науки.

На што би можеле да се должат ваквите резултати? Многу веројатно е дека Ковид-19 имаше своја улога во падот на резултатите забележан во периодот од 2018 до 2022 година. Неодамнешните истражувања спроведени на национално ниво покажаа дека во голем број земји членки на ЕУ пандемијата на Ковид-19 ги влоши образовните исходи и ги зголеми образовните нееднаквости. Ваквите пропусти во учењето поврзани со пандемијата најверојатно ќе продолжат да бидат присутни сѐ додека не бидат сузбиени со ефективни корективни политики. Но ова е само еден дел од приказната. Во неколку земји веќе беа забележани надолни трендови во однос на постигнувањата по еден или повеќе од предметите опфатени со ПИСА уште пред пандемијата.

Потребно е понатамошно истражување и размислување за да се идентификува целиот сет причини за ваквите резултати и за подобро да се разбере како да се подобрат политиките во ЕУ. Ваквите истражувачки приоритети треба да го вклучуваат следново:

  • обезбедувањето можност за секој ученик да го реализира својот потенцијал, без оглед на средината од која доаѓа, треба да се стави како приоритет;
  • разбирање и приспособување на политиките по мерка на специфичностите на националните образовни системи во ЕУ;
  • учење од отпорните системи надвор од ЕУ, каде учењето, еднаквоста и благосостојбата се одржаа и унапредија и покрај прекините поврзани со пандемијата.

 

Марко Монтанари, економски аналитичар, Генерален директорат за образование, млади, спорт и култура, Европска комисија

 

Further reading

Additional information

  • Education type:
    School Education
  • Target audience:
    Teacher
    Student Teacher
    Head Teacher / Principal
    Teacher Educator
    Government / policy maker
    Researcher
  • Target audience ISCED:
    Lower secondary education (ISCED 2)
    Upper secondary education (ISCED 3)