Свест за важноста на јазикот во училиштата – дел од процесот на зајакнување на инклузивното образование

Клуч за еднакви можности
Клучна цел на иницијативата „Патеки кон училиштен успех“ е да промовира подобри образовни исходи за сите млади Европејци, без оглед на нивните лични особини и без оглед на семејството и социо-економската и културната средина од која доаѓаат. Образовните исходи традиционално се мерат преку „постигнувањата“ (т.е. развиените компетенции и вештини) и „достигнатото образовно ниво“ (дипломите или сертификатите стекнати по успешно завршување одредено ниво на образование). „Патеките“, исто така, промовираат визија во која „успехот на училиште“ или „успешното образование“ подразбира учениците да го достигнат својот целосен потенцијал, без оглед на нивната лична приказна, ситуација и потекло.
Јазичната разноликост во училиштата низ Европа и понатаму расте. Традиционално, изучувањето јазик се фокусира на совладување на јазикот на кој се одвива наставата, честопати запоставувајќи го јазикот што се зборува во домот на ученикот, пристап кој може да се покаже како штетен за самодовербата и добросостојбата на учениците, а во крајна линија и за нивниот училиштен успех.
Градење училиштен успех врз основа на личните јазични вештини
Се знае дека препознавањето на индивидуалниот јазичен капитал на учениците и неговото искористување како отскочна штица кон стекнување подобри компетенции на јазикот на настава носи подобри академски резултати. Тоа може да се постигне преку промовирање на концептот на „свест за важноста на јазикот“ во училиштата и установите за обука, којшто подразбира повеќејазичен пристап на ниво на цело училиште, со ангажирање на сите наставници и училишни лидери, вклучително родителите, други старатели и пошироката локална заедница. Согласно овој концепт, треба да се разбере дека начинот на интеракција меѓу односот на училиштето кон јазиците и користењето на јазикот од страна на децата генерално влијае врз учењето.
Свеста за важноста на јазикот во училиштата веќе беше препознаена како клучен концепт во Препораката на Советот за сеопфатен пристап кон подучувањето и учењето јазици (2019). Новата рамка на политики предложена од иницијативата „Патеки кон училиштен успех“ ја надополнува препораката на Советот преку дефинирање на некои сеопфатни услови и предлага низа мерки на политики кои треба да се спроведат на системско и на училишно ниво со цел промовирање на пристапот заснован на целото училиште.
Некои специфични активности за подигнување на свеста за важноста на јазикот во училиштата, како што се превентивни или интервентни мерки, вклучуваат:
- Да се обезбеди рано идентификување на развојните проблеми, на јазичните компетенции и на посебните образовни потреби, вклучително и на социјалните и емоционалните тешкотии, како и рано откривање на учениците во ризик од слаби постигнувања и предвремено напуштање на образованието, а притоа да се избегнува етикетирање и стигматизација.
- Да се зајакнат компетенциите на јазикот/јазиците на кои се одвива наставата, а притоа да се вреднува и поддржува јазичната разноликост на учениците како педагошки ресурс за понатамошно учење и образовни достигнувања. Тоа може да вклучува, на пример, оценување на претходното познавање на јазикот; силна поддршка на мајчиниот јазик на ученикот и на јазикот на настава; пристап до настава на јазикот кој се зборува во домот на ученикот; механизми за поддршка на преминот од прифатни кон редовни часови на различни нивоа од образованието.
- Да им се помогне на бегалците и на новопристигнатите мигранти да го совладаат јазикот на настава преку нивно рано вклопување во редовните часови и во наставната програма, со дополнителна индивидуална поддршка која се обезбедува на соодветно ниво за да се забрза социјалното и академското учење. Континуираниот пристап до јазична и академска поддршка и професионална ориентација, заедно со ангажираноста на родителите и интеркултурното образование, исто така, може да имаат клучна улога.
- Да се поттикнат учениците да размислуваат за нормите, вредностите и ставовите кон јазикот и културната разноликост, вклучително преку откривање на сите јазици кои се зборуваат во рамки на училишната заедница, вклучување на родителите и семејствата, старателите и пошироката заедница во јазичното образование, создавање библиотеки со ресурси на различни јазици или овозможување вонучилишни јазични активности.
Дополнителни информации на веб-страницата на Европската образовна област:
Инспиративни практики:
Additional information
-
Target audience:Government / policy makerHead Teacher / PrincipalStudent TeacherTeacherTeacher Educator