Skip to main content
European School Education Platform
Expert article

Вештачка интелигенција во образованието: предизвици и можности

Напредокот во машинското учење, обработката на природниот јазик и достапноста на големи количества податоци, меѓу другото, ја претворија вештачката интелигенција (ВИ) во голема технолошка револуција на нашето време. Иако алатките и технологиите со ВИ првенствено се развиваат за потребите на бизнисот и индустријата, решенијата со ВИ брзо го наоѓаат својот пат до училниците.
children using virtual reality headset
Adobe Stock/Katarzyna Bialasiewicz Photographee.eu

Голем број наставници веќе имаат пристап до низа алатки со ВИ за унапредување на наставата и учењето, како и за подготовка на учениците за свет обликуван од ВИ. Голем број испробани и тестирани алатки со ВИ за употреба во училницата може да се најдат во оваа листа на Алатки и технологии за ВИ во наставната програма, изработена со заеднички напори од страна на учесниците на MOOC за основи на ВИ за училишта во рамки на Европската недела на кодирање.

 

Апликации со ВИ, како што се апликациите за учење јазици, јазичните преведувачи, помагачите по математика, алатките за автоматска транскрипција и титлување или дигиталните асистенти кои нудат приспособени искуства на учење, веќе масовно се користат за забрзување на персонализираното учење. ВИ покажа голем потенцијал и за поддршка на учениците со посебни потреби. Решенијата засновани на ВИ може суштински да ги трансформираат практиките на оценување обезбедувајќи им на учениците детална процена и навремени и фокусирани повратни информации. Ефективното користење аналитика на учење им овозможува на наставниците да стекнат подетални сознанија за тоа како нивните ученици учат, со кои проблеми се соочуваат, колку се мотивирани, како се чувствуваат и како реагираат на дадена ситуација на учење, со цел да изберат соодветни наставни методи и да извршат диференцијација во процесот на учење.

 

Сепак, лошиот дизајн, несоодветното користење и негативните последици од системите со ВИ може да нанесат непоправлива штета, особено на младите луѓе. Ќе ви дадам два примера поврзани со дезинформации и пристрасност на алгоритмите:

 

Брзиот напредок на ВИ го забрза создавањето синтетички медиуми, разговорно познати како „дипфејк“ („deepfake“) содржини. Тие подразбираат алгоритамско создавање, манипулирање и модифицирање аудиозаписи, видеозаписи, слики и текстови со цел погрешно наведување на луѓето или промена на изворното значење. Оваа технологија можеби изгледа напредна, и како таква, вон дофат на учениците, но таа е далеку од недостапна. На пример, корисниците на „TikTok“ можат да користат бесплатни апликации кои овозможуваат брза и лесна замена на лицата во видеозаписи и фотографии, со што се шират лажни содржини и им се наштетува на соучениците. Цврсто сум уверена дека потребата од подигнување на свеста за фабрикувани содржини и учење како критички да се анализира содржината која учениците ја создаваат и консумираат, денес е поголема од кога било. Ве поканувам да ја разгледате веб-страницата „Which face is real“, којашто претставува интересен проект развиен со цел подигнување на свеста за „дипфејк“ содржини и како тие да се забележат од прва.

 

Според мене, едно од најрелевантните етички прашања кои создаваат загриженост во однос на ВИ е алгоритамската пристрасност. Таа се однесува на грешки кои создаваат неправични исходи, како што се дискриминација врз основа на род, раса, етничка припадност или социо-економски статус. Се јавува како резултат на квалитетот и репрезентативноста на податоците, намерната или ненамерната пристрасност на луѓето кои ги дизајнираат системите за ВИ и начинот на кој овие системи за ВИ се развиваат и ставаат во употреба. Пример за родова пристрасност е кога алатката за машински превод прави претпоставка дека докторите и пилотите се мажи, додека медицинските сестри и стјуардесите се жени. Друг пример би било намерното додавање расистички или сексистички коментари на четботот со цел тој да комуницира безобразно и навредливо.

 

Сè уште не е јасно што се случува во „црната кутија“ на ВИ и зошто „невидливите“ алгоритми носат одредени одлуки кои може да имаат изразено негативно влијание врз младите луѓе, врз нивното образование, а следствено на тоа, и врз нивните идни можности во животот. Процесот на одлучување на ВИ треба да биде транспарентен и објаснив. Треба да се гарантираат непристрасни и правични одлуки за сите ученици подеднакво. Критичкиот пристап кон разбирање на начинот на кој функционира ВИ игра значајна улога во подигнување на свеста за алгоритамската пристрасност и ги зголемува отчетноста, транспарентноста и правичноста на ВИ.

 

 

Арјана Блажиќ е обучувачка на наставници и изработувачка на наставни дизајни. Таа е коавтор на хрватската Национална наставна програма за подучување англиски јазик и користење ИКТ како меѓупредметна тема. Ангажирана е како надворешен експерт за Европската недела на кодирање каде изработува образовни ресурси и можности за обука на наставници.

 

Additional information

  • Education type:
    School Education
  • Target audience:
    Government staff / policy maker
    Head Teacher / Principal
    ICT Coordinator
    Parent / Guardian
    Student Teacher
    Teacher
  • Target audience ISCED:
    Primary education (ISCED 1)
    Lower secondary education (ISCED 2)
    Upper secondary education (ISCED 3)

Key competences