Skip to main content
European School Education Platform
Tutorials

Како да ја подобрам својата работа? Акциското истражување како средство за унапредување на професионалниот развој на наставниците

Акциското истражување ги повикува наставниците да осознаат повеќе за својата наставна практика, да го збогатат својот педагошки репертоар и да размислат за начинот на кој ја реализираат наставата. Преку акциско истражување, ставовите, професионалните идентитети и стручноста на наставниците може и понатаму да се развиваат, согледувајќи ги притоа потребите во свој сопствен контекст.

Што претставува акциското истражување?

Акциското истражување во училницата се разликува од другите форми на истражување по тоа што е специфично наменето за наставници кои сакаат да ја анализираат својата работа, да решаваат проблеми и да дојдат до подобрувања засновани на докази за нивните практики и контексти. Тоа вклучува систематски набљудувања и собирање податоци, коишто потоа може да послужат за носење одлуки засновани на информации и преземање понасочени активности. Затоа се смета за моќна алатка за професионален развој на наставниците.

Picture6.png

Кои се карактеристиките на акциското истражување?

Акциското истражување е практично, рефлексивно и рекурзивно. Овие карактеристики обично се илустрираат преку спирала која укажува на континуирано движење меѓу планирање, делување, набљудување, размислување, итн.

Истражувачкиот процес е практичен од аспект на тоа дека може да има непосредни придобивки за наставниците, училиштата и за училишните окрузи.

Неговиот рефлексивен аспект се состои во тоа што истражувачот ја менува призмата низ која гледа на својата училница, училиште или работна практика.

И на крај, акциското истражување е рекурзивно од аспект на тоа дека прашањата и проблемите се истражуваат континуирано од страна на истражувачот.

Кои се трите вида на акциско истражување?

Според Кар и Кемис, акциското истражување може да ги има следниве три форми:

  • Техничко акциско истражување: се однесува на случаи каде надворешни олеснувачи (како академици, истражувачи и институции) работат со наставниците и со други лица на воспоставување наставнички истражувачки проекти. Целта е наставниците да ги проучат делотворните практики, каде критериумите за „делотворност“ се воведени од олеснувачот. На пример, наставниците може да одлучат наодите од надворешното истражување да ги тестираат во својата практика, а наодите од ова тестирање може да му послужат на надворешното истражување наместо на самата наставна практика.
  • Практично акциско истражување: се однесува на случаи каде надворешни олеснувачи работат со наставниците и со други практичари со цел да им помогнат да ја искажат својата загриженост, да ги планираат своите активности, да спроведат промени, да ги следат ефектите од тие промени и да ја анализираат нивната вредност. Иако олеснувачите може да работат заедно со наставниците на прашања од заеднички интерес, од наставниците се очекува да ги следат своите практики и да развијат свое сопствено расудување како поединци. Со други зборови, нема систематски развој на групата професионалци како колектив.
  • Еманципаторно акциско истражување: се однесува на случаи каде наставниците ја преземаат одговорноста да ѝ помогнат на нивната група, како што се нивните ученици или нивните колеги, во една саморефлексија по пат на соработка. Во некои области, целото училиште може да се вклучи во утврдување пристапи за интеракција во училницата – на пример, преку усвојување заеднички практики на оценување. Овој отворен пристап на соработка наложува разбирање на дијалектичкиот однос меѓу индивидуална и групна одговорност. Еманципаторното акциско истражување може да се смета за следен чекор на практичното акциско истражување.

Акциското истражување е применето истражување кое може да се спроведува индивидуално или по пат на соработка. Акциското истражување по пат на соработка се дефинира како истражување во кое наставниците и истражувачите работат заедно на некое истражување во области од заеднички интерес.

Честопати, акциското истражување се доживува повеќе како пристап отколку како метод, затоа што може да се послужи со низа различни дизајни и методологии. Имено, акциското истражување може да користи и квалитативни и квантитативни методи на собирање податоци. Иако опфатот е различен, наставниците или групите наставници ги користат и двата вида податоци за собирање докази и давање одговори на нивните прашања. Па затоа, треба да се усвои цврста методологија која ги зема предвид научните и етичките стандарди на истражување.

Ако сте заинтересирани да дознаете повеќе,

.

Дополнителни ресурси:

Библиографија:

Дефиниција: https://www.scielo.br/j/ep/a/3DkbXnqBQqyq5bV4TCL9NSH/?lang=en и https://www.worldcat.org/title/teacher-as- reflective-practitioner-and-action-researcher/oclc/46685319

Карактеристики: https://www.literacyworldwide.org/docs/default-source/resource-documents/a-practical-guide-to-action-research- for-literacy-educators.pdf?sfvrsn=4

Акциско истражување по пат на соработка: https://www.daneshnamehicsa.ir/userfiles/files/1/9-%20The%20Wiley%20Handbook%20of%20Action%20Research%20in %20Education.pdf

Carr, W., & Kemmis, S. (2004). Becoming Critical: Education, Knowledge and Action Research. Лондон: RoutledgeFalmer.

Additional information