Skip to main content
European School Education Platform
Practice article

Проекти за акциско истражување кои прават промени кон подобро

Акциското истражување им овозможува на наставниците да вршат континуирано оценување и подобрување на своите практики преку истражување и рефлексија. Следниве проекти покажуваат како вашата училница може да има придобивки од акциското истражување.

Учество на младите и на заедницата

Проектот „PARTISPACE“ во рамки на Програмата Horizon 2020 имаше цел да го анализира учеството на младите луѓе во демократијата преку истражување на нивното делување во јавниот простор, какво значење има тоа за нив, и како тоа може да се разбере на граѓанско, општествено и политичко ниво. Иако не се реализираше исклучиво во училница, во рамки на проектот беа спроведени 188 интервјуа со експерти, 100 групни дискусии, 96 биографски интервјуа и 48 етнографски студии на случај за формални, неформални и информални средини на учество.

Освен тоа, 18 партиципативни проекти за акциско истражување беа спроведени од страна на млади луѓе и со нивно учество, во осумте града вклучени во проектот: Болоња (Италија), Франкфурт (Германија), Гетеборг (Шведска), Ескишехир (Турција), Манчестер (Обединетото Кралство), Пловдив (Бугарија), Рен (Франција) и Цирих (Швајцарија). На пример, во Пловдив учениците истражуваа и бараа идеи за подобрување на игралиштето преку спроведување анкети со други ученици, изработка на кампања на социјалните медиуми и организирање група доброволци за чистење на теренот.

Надоврзувајќи се на успехот на PARTISPACE, четири земји учеснички развија Partbridges со цел остварување поблиска соработка меѓу високото образование, младинските работници и младите. Во рамки на проектот, земјите учеснички спроведоа партиципативни експерименти за акциско истражување, коишто вклучуваа истражувања на академици, младински работници и млади луѓе и опфатија разни теми како „Како е да се биде млад во време на пандемија“. Децата учествуваа во истражувачката компонента од проектот, што им овозможи да се осврнат на своите потреби и на потребите на другите деца на нивна возраст, и врз основа на тоа да направат промени.

Проектот за Несакани детски искуства и интерпрофесионална работа имаше цел да го подобри училишното искуство на децата од маргинализирани средини преку работа со наставниците, со социјалните и здравствените работници и со полицијата во насока на создавање заеднички пристап кон проблемот. За постигнување на тоа, проектот се послужи со пет елементи: учество, обука за стекнување вештини за работа во група, остварување контакти, споделување информации и критички осврт преку прашалници и интервјуа. Проектот имаше и компонента за акциско истражување во рамки на која за клучните интервјуа и за споделувањето информации меѓу учесниците се користеа анкети. Проектот, којшто се спроведуваше од 2018 до 2021 година, меѓу другото обезбеди наставни материјали, вебинари, обука за стручно усовршување и пилот-курс за интерпрофесионално учење преку соработка.

Учество на училиштата и на наставниците

Градежно-геодетското техничко училиште во Сплит, Хрватска, го покрена проектот „Користење на новите медиуми и на Фејсбук за меѓукултурна интеракција на часовите по странски јазик. Во рамки на овој проект, со помош на Фејсбук ја создадоа групата за соработка наречена „Акциски проект Ice-Cro2016’, каде учениците можеа да ги подобрат своите јазични вештини и да споделуваат задачи. Преку групата, учениците можеа да ги подобрат своите вештини за слушање, читање, говорна интеракција, говорна продукција и пишување.

Училиштето „Avedoere“, училиште за основно и нижо средно образование во Данска, работеше со училишта од Црна Гора, Австрија, Финска и од Индија на интеркултурни проекти на часовите по англиски јазик. Проектот беше поделен на два дела со цел унапредување на интеркултурните компетенции на учениците. Во првата половина од проектот се разработуваше темата Божиќ и разликите меѓу културните традиции со користење на англискиот јазик.

Учениците покажаа интерес за туѓите култури, додека пак во вториот дел се обработуваше една поширока тема, односно „Ручекот во различните култури“. Проектот имаше временска рамка од четири месеци, што овозможи поголема анализа и осврт. Со помош на различни методи, како анкети, бура на идеи, прашалници и фокус групи, беше утврдено дека учениците се силно мотивирани да учат од своите врсници од други култури и да им поставуваат прашања.

Акциското истражување не само што помага во изучувањето јазик, тоа може да биде од корист и во други области од наставната програма. Норвешката школа за спортски науки спроведе истражувачки проект за да ја истражи улогата на дидактичката работа во физичкото образование. Со комбинација од наставнички белешки и осврти од една страна, и ученички дневници и интервјуа од друга страна, се спроведе севкупна анализа на наставата. Наодите даваат увид во најдобрите пристапи за подучување физичко образование и во размислувањата на учениците за изгледот на телото и за здравјето.

Additional information

  • Evidence:
    N/A
  • Funding source:
    European Union and others
  • Intervention level:
    N/A
  • Intervention intensity:
    N/A
  • Participating countries:
    Austria
    Bulgaria
    Finland
    France
    Germany
    India
    Italy
    Montenegro
    Norway
    Sweden
    Switzerland
    Turkey
    United Kingdom
  • Target audience ISCED:
    Primary education (ISCED 1)
    Lower secondary education (ISCED 2)
    Upper secondary education (ISCED 3)