Лауреати на Европската награда за иновативна настава за 2022 година

Оваа годишна иницијатива ги издвојува истакнатите практики на подучување и учење од програмата Еразмус+. Наградите се доделуваат во четири категории: предучилишно образование и грижа, основно образование, средно образование и стручно образование и обука (ВЕТ).
Националните агенции за Еразмус+ се задолжени за избор на победничките проекти, а годинава вкупно 98 проекти од сите четири категории добија признание. Церемонијата за доделување на Европската награда ќе се одржи на 25 октомври 2022 година.
Тематскиот фокус на овогодишната награда е „Учиме заедно, промовирајќи креативност и одржливост“. Тој е поврзан со иницијативата на Комисијата за Нов европски Баухаус, којашто нè поканува да ги преосмислиме нашите животни простори земајќи ги предвид креативноста, инклузијата и одржливоста. Победничките проекти претставени во продолжение се осврнуваат на една од овие три теми.
Креативност
Проектот „Everyday Creativity“ преводен од „Fundatia Centrul Educational Spektrum“ во Романија користеше фински образовни модели за да ги поттикне креативноста и иновацијата во наставните практики во земјите учеснички. По обуката со физичко присуство во Финска, училниците беа преосмислени за да се добијат пријатни простори за учење кои се лесни за користење. Наставниците користеа мултидисциплинарни пристапи за да инспирираат креативност и меѓусебно да ги споделуваат најдобрите практики. Беше изработен Прирачник за наставници којшто содржи ресурси, како што се материјали за учење и алатки за самопроцена.
Проектот „Young Talents“ ги обедини фирмите, занаетчиите и учениците од средните стручни училишта од насоката за внатрешно уредување да создаваат нови мултикултурни брендови. Учениците од Финска, Шпанија и Холандија со поддршка од наставниците и претприемачите ги спроведуваа своите проекти со примена на меѓусекторски пристап. Тие во мешани групи основаа шест компании, ги развија своите брендови и ги продаваа своите производи во маалски продавници и онлајн.
Инклузија
Проектот „Bridge of Encounter and Understanding“ претставуваше соработка помеѓу млади од маргинализирани средини од две партнерски училишта во Германија и Шпанија. Целта на проектот беше учениците од средните стручни училишта кои имаат тешкотии со учењето да бидат вклучени во практичен проект – изградба на споменик кој треба да ја претставува заложбата на двете училишта во однос на нивното партнерство. Преку проектот се подобри вработливоста на учениците, а истовремено се унапредија нивните технички вештини и интеркултурни компетенции. Наставниците остварија прекугранична соработка и применија интегриран мултидисциплинарен пристап, поврзувајќи ги математиката, природните науки, општествените науки, уметноста, јазиците и историјата во склоп на еден проект.
Проектот „FARMID“ имаше цел да промовира и развие знаење и насоки за вработување луѓе со лесна интелектуална попреченост на фарми во Словенија, како и во партнерските земји Австрија, Италија, Белгија и Шпанија. Лицата со лесна интелектуална попреченост честопати се во неповолна положба, при што постигнуваат пониски нивоа на образование, што може негативно да влијае врз нивните можности за вработување. FARMID промовира социјална инклузија и ја истакнува соодветноста на фармите како места за работа за лицата со лесна интелектуална попреченост. Овој проект им помогна на неколку лица со лесна интелектуална попреченост да најдат вработување на работни места на фарма. Исто така, се изработи програма за обука со цел фармерите да се стекнат со неопходните вештини, знаења и компетенции за вработување лица со лесна интелектуална попреченост.
Одржливост
„Hob’s Adventure“ беше практичен проект за биолошка разновидност кој обедини наставници и експерти од Естонија, Летонија, Исланд и Словенија во напорите за изработка на иновативни наставни материјали посветени на биолошката разновидност во дигиталната ера. За изработка на овие материјали, тие се послужија со најдобрите практики, користејќи практични и активни методи засновани на истражувања. Исходот од тоа е прирачник којшто содржи планови за час, проекти и активности за ученици на возраст од 5-9 години. Алатките се приспособливи на различни контексти од аспект на опкружувањето и образованието и поттикнуваат активно учење во затворено и во природа.
Наставниците од основното училиште „Sint-Paulus“ во Белгија добија инспирација да го трансформираат нивното бетонско игралиште во игралиште приспособливо на климатските услови и во простор за учење на отворено преку програмата Еразмус+. Беа засадени над 40 дрвја и 160 автохтони грмушки, беа донесени пилиња и пчели, а под игралиштето беше поставен собирник за атмосферски води. Проектот ја унапредува добросостојбата на учениците и помогна во иновирањето наставни практики со оглед на тоа дека наставниците можат да ги користат просторите за учење на отворено за интегрирање на СТЕАМ (природни науки, технологија, инженерство, уметност и математика) и на теми за климатските промени во нивната наставна програма.
Additional information
-
Evidence:N/A
-
Funding source:Erasmus+
-
Intervention level:N/A
-
Intervention intensity:N/A
-
Participating countries:BelgiumEstoniaFinlandGermanyIcelandLatviaNetherlandsRomaniaSloveniaSpain
-
Target audience ISCED:Primary education (ISCED 1)Lower secondary education (ISCED 2)Upper secondary education (ISCED 3)Post-secondary non-tertiary education (ISCED 4)